Веќе децении наназад, во африканските земји во развој се тренираат стаорци за да откриваат мини по некогашните боишта. Сè започна во 2000 година кога меѓународната непрофитна организација APOPO во соработка со Универзитетот за земјоделство Сокоине од Танзанија обучи повеќе африкански гигантски стаорци за препознавање на мирисот на ТНТ на минските полиња. До 2016 година, со употреба на стаорци откриени се речиси 20 000 мини на поранешните боишта во Африка и во Источна Азија.
Сега, стаорците ќе се впуштат во борбата со уште еден подмолен масовен убиец којшто само во 2016 година уби 1,6 милиони луѓе – туберкулозата, или скратено ТБЦ. Научникот Џорџи Мгоде (Georgies Mgode), чијшто примарен интерес е проучувањето на зоонозните заболувања, заедно со своите колеги од универзитетот во Сокоине решија да обучат стаорци за препознавање на туберкулозата. Вообичаениот дијагностички метод во земјите во развој подразбира микроскопско испитување на брис од плунка од пациентите. Евтиниот метод се покажал како не баш прецизен кај половина од случаите. Попрецизните техники за откривање на болеста чинат многу пари или, пак, се сè уште во фаза на развој.
Мгоде и неговите колеги уште во 2012 откриваат дека бактеријата којашто ја предизвикува туберкулозата, Mycobacterium tuberculosis, при нејзините метаболистички процеси испушта 13 хемикалии со специфичен мирис според коишто се разликува од останатите микроби. Обуката на еден стаорец за да го препознае специфичниот мирис на шлајмот со ТБЦ, трае околу 9 месеци.
На почетокот, тренерите се зближуваат со стаорците стари 4 недели, давајќи им име, играјќи си со нив и хранејќи ги од рака. За време на тренингот, стаорците добиваат награда во вид на омилена храна секогаш кога ќе застанат пред некој од примероците со заразен материјал. Повеќето обучени стаорци можат да “прегледаат” над 100 примероци за помалку од 20 минути, што е побрзо од кој и да е друг дијагностички метод.
Сепак, да се убеди научната јавност да се прифатат стаорците како вообичаена дијагностичка алатка, воопшто не е лесно. Минатиот месец, Мгоде и неговите колеги ги објавија резултатите од своите истражувања во списанието Pediatric Research. Помеѓу 2011 и 2015 година, тие испитале над 55 000 примероци од брис земени на клиниките во Танзанија. Кај примероците со вообичаената микроскопска метода за дијагностика, ТБЦ била откриена кај 8 351 примерок. Стаорците успеале дополнително да откријат ТБЦ кај уште 2 745 примероци, каде што присуството на бактеријата било потврдено подоцна и со други методи. Стаорците особено добро се покажале при “испитувањето” на примероци земени од деца, каде што доставениот материјал е мал и најчесто има ниско присуство на бактеријата.
Денес, “скринингот” за ТБЦ со стаорци станува стандард во Танзанија и Мозамбик, а наскоро и во Етиопија, иако “тестот” сè уште чека на официјално одобрување од страна на Светската здравствена организација.