Како од маглините од молекуларен гас настанувааат врелите топки од водород што ги нарекуваме ѕвезди? Астрономите сакаат да разберат како магнетизмот, гравитацијата и турбуленциите меѓусебно дејствуваат за да го поттикнат формирањето на ѕвезди во молекуларните облаци. Но, никој не ја знае големината и обликот на овие облаци, бидејќи нив ги гледаме само од една гледна точка. Тим научници најде нов начин за откривање на 3D структурата на еден таков облак, со анализирање на начинот на којшто гасот осцилира – налик на звукот во цевка од оргули.
Тимот, со помош на вселенскиот телескоп Хершел на ЕСА, го набљудувал молекуларниот облак Муска (Musca - Мува), што има издолжена кончеста структура. Облакот е оддалечен околу 570 светлосни години од Земјата. Во погустите региони на структурата забележани се „стрии“ во гасот за коишто астрономите претпоставуваат дека се предизвикани од бранови осцилации во внатрешноста на облакот. Со анализа на оддалеченоста на наборите тимот покажал дека тие се предизвикани од осцилации на облакот на резонантни фреквенции, познати како нормални модови, објавуваат во научното списание Science.
Со моделирање на ваквите модови во облаци со различни форми, тие откриле дека вистинската 3D форма на маглината Муска е налик на голем лист, а ние го гледаме од страна, па го забележуваме само неговиот раб. Тие ја пресметале и неговата големина. Облакот е долг околу 26 светлосни години и широк околу 20 светлосни години. Тимот се надева дека оваа техника би можела да се искористи за проучување и на други молекуларни облаци и дека ќе помогне во откривање на мистеријата како точно во ѕвездените јасли се формираат младите ѕвезди.