Минатата недела НАСА објави видео, на коешто таа за првпат го презентира пред јавноста тестирањето на најновиот модел на падобран, специјално дизајниран за спуштање потешки товари на површината на планетата Марс. Да се потсетиме, истоварувањето објекти со падобран на површината на Марс не е нова работа, туку и досега таа беше применувана; такви примери се спуштањата на роверите, најнапред Spirit, па Opportunity, и на крајот Curiosity. Меѓутоа, во идните мисии за истражувања на Марс, НАСА планира спуштање на значително потешки товари на неговата површина, па поради тоа беше нужно таа да дизајнира нов модел на падобран, способен да ги носи тие значително потешки товари, но и да примени нов, построг начин за негово тестирање, којшто, овде на Земјата, овозможува поточна симулација на условите на коишто ќе биде изложен тој падобран под дејство на помалата гравитација и разредената атмосфера на Марс. Со новиот начин на тестирање треба да им се овозможи на конструкторите попрецизно да го следат однесувањето на падобранот при спуштањето на товарот. Да објасниме, досега тестирањата на падобраните за спуштање товари на Марс се извршувале во специјални воздушни тунели, но, тоа не овозможува целосен увид во однесувањето на падобранот при спуштање на потешки товари, па оттука беше нужно да се примени некој нов, построг критериум на тестирањето. Во таа насока, НАСА ја конституира програмата т.н. LDSD (Low Density Supersonic Decelerator), во превод “Надзвучен забавувач при ниска густина”. Според таа програма, тестирањето се врши на мошне необичен начин, кој ќе го опишеме!
На падобранот е заврзано јаже со должина поголема од 1 km. На долниот крај од јажето е обесен тег со тежина од 1 тон, на кој е вграден специјален механизам што се активира во моментот кога тегот ќе ја допре површината на Земјата. Целата таа комбинација се подига со хеликоптер и на одредена височина се испушта од хеликоптерот. Под дејство на тегот обесен на долгото јаже, падобранот слободно паѓа кон површината на Земјата, (види ја сликата во прилог), но штом тегот ќе го допре тлото, вградениот механизам во него се активира и започнува јажето да го намотува на една макара, и на тој начин уште посилно го влече падобранот кон земјата. Тој момент го симулира моментот на отворање на падобранот, кога тој со голема брзина паѓа низ ретката атмосфера на Марс, па на тој начин конструкторите можат прецизно да го следат неговото однесување при спуштањето. Ваквото тестирање, според НАСА е неколкупати успешно извршено.
Нам ни останува уште само да причекаме да се реализираат најавените идни мисии за натамошно истражување на “црвената планета”, Марс.