Рубрика: Астрономија и астронаутика
Зошто помалите планети се каменити а најголемите гасовити?
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 11.04.2018 - 15:15

Ова интересно прашање потекнува од структурата на нашиот Сончев систем во кој планетите најблиску до Сонцето се мали и каменити, а оддалечените планети се “гасовити џинови”. Да видиме кој е одговорот на науката на ова прашање.

Астрофизичарите одамна го составиле сценариото за настанокот на Сончевиот планетски систем. Според тоа сценарио, Сонцето се “родило” пред повеќе од 5 милијарди год. од една огромна топка гас составена главно од водород и хелиум, а во извесни помали количества и други елементи, како јаглен, азот, водород, железо и др.. Под дејство на гравитацијата, облакот од гас започнал да колапсира во самиот себе, притоа неговата густина перманентно му се зголемувала, а под дејство на огромниот притисок, перманентно растела температурата во центарот. Кога температурата во центарот достигнала доволна вредност да ја “запали” термонуклеарната реакција, младото Сонце блеснало на небото и притоа ги “оддувало” остатоците од гасот во неговото опкружување, кои останале надвор од него и кои подоцна послужиле како материјал за формирање на планетите и на сите останати небески тела, кои сега кружат околу него. За ориентација, Сонцето “заробило” 99,86% од вкупна маса на првобитниот облак од гас, а само скромни 0,14% од вкупната маса на облакот останале надвор од Сонцето.

Како што наведовме, во првобитниот облак од гас, според тоа и во остатокот надвор од Сонцето, доминантни состојки биле најлесните елементи, водородот и хелиумот, па тие како најлесни биле “оддувани” најдалеку, приближно на растојание од Сонцето од неколку астрономски единици (АЕ). Да објасниме, 1 АЕ е просечното растојание на Земјата од Сонцето, изнесува приближно 150 милиони km. Така, во блиската околина на Сонцето останало само помало количество материја, составена главно од потешките состојки, но сиромашна со најлесните елементи, водородот и хелиумот. За разлика од тоа, во подалечниот регион дошло до богато “натрупување” на количество материја, во која доминанирале наведените најлесни елементи, водородот и хелиумот. Во следните неколку илјада години под дејство на гравитацијата, на одделни места дошло до парцијални згуснувања на остатокот од материјата и така се формирале јадра (протопланети), кои ја апсорбирале преостанатата материја од својата блиска околина и формирале планети. Нивната конечна големина и структура беше условена од различната дистрибуција на остатокот на материјата во зависност од растојанието до Сонцето, односно од тоа кој колкаво количество материја имал на располагање и каква била структурата на материјата на таа локација.

Според тоа, најблиску до Сонцето, во најсиромашните региони со материја, особено сиромашни со најлесните гасови, можеле да се формираат само помали планети главно од цврст материјал, или како што астрофизичарите ги нарекуваат, “каменити” планети (Меркур, Венера, Земја и Марс). Спротивно на тоа, на поголеми растојанија од Сонцето, каде, како што рековме се беа “натрупале” поголеми количества материја со доминација на најлесните гасови, водородот и хелиумот, се формирале помасивни планети, со гасовита надворешна обвивка од најлесните елементи, или како што астрофизичарите ги нарекуваат “гасовити џинови” (Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун). Да се потсетиме, на Плутон му е одземен статусот “планета во Сончевиот систем” главно токму врз основа на неговата структура, која не се вклопува во наведените две категории планети.

И тука се чини дека одговорот на горе поставеното прашање е завршен, но не е така. Во најново време се појавува нов момент, кој го доведува во прашање опстојувањето на наведеното сценарио за “раѓањето” на Сончевиот систем! Имено, помеѓу 200-те досега детектирани екстрасоларни планети, кои орбитираат околу други ѕвезди, има и планети со многу чудни орбити. Имено, некои од нив, иако се од типот “гасовити џинови” па би требало да орбитираат на подалечно растојание од својата матична ѕвезда, тие орбитираат на многу блиско растојание до неа, едвај неколку стоти делови од 1 АЕ, со период на орбитирање од сè на сè неколку дена! За ваквите планети астрономните смислиле нов термин: “вжештен Јупитер”. Како да се објасни овој феномен?

Сепак, астрономите не отстапиле од својот став дека сите “гасовити џинови” настануваат далеку од својата матична ѕвезда, но постоечкото сценарио тие го прошириле со дополнување дека “гасовитите џинови”, кои орбитираат блиску до својата матична ѕвезда, биле “закочени” во своето орбитирање од страна на останатата неапсорбирана материја, па консеквенциите се: тие мигрирале во близина на нивното сонце, а некои од нив завршиле така што биле проголтани од своето матично сонце.

Структурата и масата на планетите зависи од близината до Сонцето.

Структурата и масата на планетите зависи од близината до Сонцето.