Рубрика: Медицина
Мозокот формира нови неврони дур сте живи
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.04.2018 - 15:00

Во нова студија објавена во научното списание Cell Stem Cell се тврди дека организмот на луѓето продолжува со производство на нови неврони во делот од мозокот којшто е вклучен во учењето, помнењето и емоциите во текот на зрелоста. Резултатите од ова истражување се спротивставуваат на досегашните теории дека производството на клетки во мозокот престанува по завршувањето на периодот на адолесценцијата. Наодите би можеле да помогнат во развојот на третманите кај повеќе невролошки состојби како, на пример, деменција.

Многу нови неврони се создаваат во хипокампусот кај бебињата, но долго време веќе постои дебата дали овој процес продолжува и во зрелоста и, ако е така, дали стапката на создавање се намалува со возраста како што тоа било забележано кај глувците и нечовечките примати.

Иако некои истражувања и претходно откриле нови неврони во хипокампусот кај постари луѓе, една неодамнешна тврдеше дека новите неврони во хипокампусот се на нивоа што тешко се детектираат веќе во доцниот период на адолесценција.

Сега, една друга група научници објави резултати од истражувањето каде се открива дека новите неврони се произведуваат во овој регион на мозокот и кај возрасните луѓе и дека стапката на создавање не се намалува со возраста. Заклучоците, велат тие, може да помогнат во потрагата по начини за лекување на повеќе нервни состојби. од Алцхајмерова болест до психијатриски нарушувања.

Мојра Болдрини од универзитетот Колумбија во Њујорк, САД, и колегите, го проучуваа хипокампусот кај 28 мажи и жени на возраст помеѓу 14 и 79 години, по само неколку часа откако тие починале. Она што го нагласува Болдрини е дека сите поединци биле здрави пред смртта, што не е случај кај голем број претходни истражувања.

Користејќи повеќе техники, тимот го испитал степенот на формирање на нови крвни садови, обемот и бројот на клетки во различни фази на зрелост, во регионот познат како dentate gyrus - регион од хипокампусот каде што се произведуваат нови неврони.

Тимот утврдил дека нивоата на овие "родителски клетки" паѓале со возраста во предниот и средниот дел од dentate gyrus. Но, нивоата на клетките што се формирале не се намалил, тимот открил илјадници нови, незрели неврони во регионот на dentate gyrus во времето кога настапила смртта кај поединците, без оглед на возраста.

Сепак, во предниот дел на dentate gyrus бил забележан пад во бројот на клетки кои произведуваат супстанции поврзани со невропластичноста, односно способноста на мозокот за промена или формирање на нови врски.

Авторите забележуваат дека падот на пластичноста може да помогне да се објасни зошто дури и здравите луѓе можат да станат емотивно ранливи како што стареат, но дека создавањето на нови клетки, вклучувајќи ги и невроните, може да помогне за заштита од когнитивен или емоционален пад.

Болдрини вели дека сега е важно да се погледне во она што се случува во мозокот на оние со Алцхајмерова болест и со емоционални проблеми, бидејќи ако постојат разлики во формирањето на нови клетки во хипокампусот, ова би можело да им понуди на научниците насоки во третманите.

Но, сите не се согласуваат. Д-р Мерцедес Паредеш од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, автор на едно истражување објавено минатиот месец, каде се сугерира дека возрасните не развиваат нови неврони, вели дека не е убедена во заклучоците на колегите. Според нејзе се работи за исклучително редок феномен и дека се сведува на интерпретација на недооформени клетки, кои тие дополнително ги проучувале за да ги окарактеризираат и за кои утврдиле дека не се нови неврони - како што претходно наликувало.

Сепак, д-р Нилс Хан од Универзитетот во Кардиф изјави дека бил убеден дека нови неврони се формираат во возрасниот човечки мозок, иако нивната функција е сè уште нејасна и се согласува со Болдерини дека ова е област што ветува многу за откриување на потенцијални третмани кај повеќе нервни состојби.

Во истражувањето се вклучени и повеќе автори од Македонија меѓу кои Ина Павлова, Верица Попоска, Горазд Росоклија и Александар Станков.

Клучни зборови: