Околу Сонцето со брзина од 101388 km/h кружи астероидот наречен Bennu, со пречник од 500 m. Според научниците, тој кружи во сомнителна орбита, па тие предупредуваат дека според нивните пресметки постои можност во 2135 година астероидот да ја погоди нашата Земја. За среќа, веројатноста тоа да се случи е мошне мала, научниците ја проценуваат со однос 1:2700, меѓутоа, ако тоа навистина се случи, последиците би биле катастрофални. Имено, тие би биле рамни на експлозија на бомба од 1200 мегатони, односно колку 80000 атомски бомби фрлени на Хирошима!
Меѓутоа, научниците не сакаат ништо да ризикуваат, дотолку повеќе што покрај нивните пресметки секогаш постои и друга опасност, можност некои додатни фактори да му ја променат неговата и онака сомнителна орбита и да ја пренасочат кон Земјата. Такви фактори се, на пример, Сончевиот ветар, гравитациското поле на планетата Јупитер и евентуален судир на астероидот Bennu со некои други астероиди кои сè уште не се откриени. Земајќи ги предвид сите наведени околности, НАСА започна да работи на проектот HAMMER (Hypervelocity Asteroid Mitigatiоn Mission for Emergy Respons), всушност конструкција на вселенско летало коешто го нарекуваат “impactor" (судирач), дизајнирано да носи нуклеарна бомба, кое во даден момент ќе го погоди астероидот, па или ќе го измести и пренасочи од неговата патека или ќе го разнесе со нуклеарната бомба. Но, тоа не е така едноставно да се реализира. Имено, леталото е високо само 9 m и има само 8,8 тони – премалку во однос на големината на астероидот, па само едно такво летало не би било доволно за извршување на оваа задача, туку е нужна серија од повеќе такви летала, што е додатен проблем за НАСА. За да стаса до целта, на леталото му се нужни 7,5 години, па евентуалната реализацијата на таа мисија е планирана за 2125 год. Односно 10 години пред евентуалниот удар на астероидот во Земјата.
Помеѓу двете наведени опции, за експертите е помалку пожелна опцијата за парчосување на астероидот со нуклеарна бомба, отколку опцијата со скршнување од неговата патека, бидејќи не е можно да се контролира радиоактивниот дожд од остатоците на Bennu коишто би паднале на Земјата по нуклеарната експлозија. Но, за донесување на конечната одлука што од наведените две опции би се применила, неопходни се додатни сознанија, а тие се очекуваат од сондата OSIRIS-REX, лансирана во 2016 година. Таа треба да стаса блиску до астероидот во текот на месец август оваа година, а во 2020 година сосема да му се приближи, со роботска рака да собере примероци од неговата површина и да ги донесе на Земјата. Нејзиното враќање на Земјата е предвидено за 2023 година, па со анализа на тие примероци експертите ќе го утврдат точниот состав на астероидот, и врз основа на тоа, ќе проценат во колкава мера астероидот би согорел при евентуалното негово поминување низ Земјината атмосфера.
За крај, еве ја изјавата на физичарот Дејвид Диарборн (David Dearborn), учесник во реализацијата на проектот HAMMER: “Доколку имаме доволно време, би можеле астероидот да го изместиме од неговата патека со помош на дејство од леталото “impactor" (судирач), но доколку бидеме во временски теснец, ќе користиме нуклеарно оружје за уништување на астероидот”.
Ете грижа за идните генерации!