ДНК-мутациите предизвикуваат неконтролиран раст на клетките на туморот, а исто така создаваат разновидност што им овозможува на организмите да се приспособат на нивната средина и да еволуираат. Досега, биолозите имаа само груби методи за процена на просечните стапки и ефектите од мутациите. Но, во едно ново истражување, биофизичарите документираа индивидуални мутации во моментот додека тие се случуваат во клетките на бактериите.
Според извештајот од истражувањето објавен во Science, овие промени се случуваат со приближно исто темпо со текот на времето, не во повремени изблици, а само околу 1% од промените се смртоносни. Покрај тоа, забележано е дека сите бактерии од даден вид имаат речиси иста стапка на мутацијата – околу една мутација на 600 часа кај нормалните бактерии, а околу 200 мутации на 600 часа кај бактериите предодредени да мутираат побрзо.
За да можат да ги видат мутациите, научниците од тимот направиле 1000 микроскопски канали во матрица со големина на компјутерски чип. На затворениот крај од секој од каналите сместиле по една бактериска клетка заедно со многу хранливи материи за таа да може да опстојува. Бактериите носеле изменет протеин за поправка на ДНК, којшто овозможил сите настанати мутации да имаат жолт сјај. Потоа, по 8 часа во временски период од 3 дена, истражувачите фотографирале во интервали на секои неколку минути додека се формирале нови бактериски клетки кои се спуштале по каналот, за потоа да бидат однесени од течноста што протекувала преку краевите на овие канали. Автоматизираната обработка на сликите им овозможила да го избројат бројот на мутации и да проценат во каква состојба се клетките. Мртвите клетки сигнализирале смртоносна мутација; побавнорастечките клетки сигнализирале штетни промени.
Оваа техника би можела да се примени за да се процени динамиката на мутациите кај други типови клетки, па дури и кај клетките од рак кај луѓето. Истражувачите се надеваат дека конечно ќе можат да ги следат стапките на мутација во реално време кај цели организми, кај риба, на пример, за да испитаат дали различните ткива имаат и различни стапки на мутација.