Иако, лаички гледано, е чисто економска категорија, вредносната анализа на производот е феномен во кој се ангажирани сите расположливи човечки ресурси на една и/или повеќе компании. Само со таков настап и пристап може да се очекуваат врвни резултати. За што се работи?
Меѓународна компанија која, на пример се занимава со производство на лепаци и средства за затинање (супституција на заптивки) има свој стручен оддел од истакнати стручњаци кои по нарачка на компании кои произведуваат технички производи по системот на масовно производство, ја даваат на увид производствената документација и технологија на својот производ (на пример, машина за перење на алишта) со цел овие да ја анализираат и да понудат барем некое подобрување благодарение на квалитетот и можностите на своите производи (лепаци и средства за затинање како во нашиот пример). Со таа рационализација компанијата нарачател на услугата заради масовното производство заштедува многу а со тоа му се наголемува профитот, компанијата извршител на услугата има загарантиран пласман на своите производи а купувачот добива производ со врвен квалитет и можности по поднослива цена. Технологијата на работа е следната: на компанијата која ја врши услугата и е достапна целата производна и технолошка документација за конкретниот производ, дозволено и е увид во производниот процес и секако, на располагање има неколку нови примероци од производот. Го расклопуваат производот (tear down или расклопување на машината) и со сите овие сознанија вклучително и експертските сознанија за своите производи (на пример лепаци и средства за затинање) се обидуваат да елиминираат некоја технолошка операција или да ја подобрат носивоста на некој машински спој и сл. т.е. да пронајдат некоја можност за подобрување на производниот процес кај компанијата нарачател на услугата. Доколку најдат таква можност тоа е огромна заштеда на компанијата производител на машината а за компанијата која ја врши оваа услуга тоа значи загарантиран пласман на своите производи. Резултат е добивање на скоро совршен производ и обезбедување на значајна предност во однос на конкуренцијата.
Корените на вредносната анализа се од времето на Втората светска војна. Компанијата Генерал Електрик добива налог од Владата на САД да најде начин да произведе и испорача поголеми количини од своите производи потребни за воени цели. Но Генерал Електрик имала проблем со набавката на суриовините (воено време било). Вовеле метод со кој се обиделе да извршат репроектирање и реконструирање (да извршат вредносна анализа) на некои од своите производи со цел примена на некои други достапни а заменски суровини. При ова забележале дека при оваа интервенција квалитетот на производот може значајно да се подобри. Овај метод во науката е познат како Вредносна анализа. Тоа е методологија за континуирано подобрување на производот, услугите, производствените технологии и организациските структури. “Tear Down” анализата е еден од смеровите во кој денеска се има развиено оваа метода.
Во светските компании оваа анализа наголемо се користи и е развиена до совршенство. Резултат од тоа е високата технологија која е главна карактеристика на денешното производство а резултира со врвен квалитет на денешните производи по релативно ниски цени.