И покрај тоа што компјутерот функционира како целина, сепак, помеѓу одредени компоненти постои посебна поврзаност, еден вид симбиоза. Макар тоа бил и обичен кабел, како во случајот на тврдиот (хард) диск и оптичкиот уред.
Не е само кабелот заедничка карактеристика. Тука се и краткоспојниците (џамперите), и начинот на нивно вметнување. Секако дека ова се однесува само на оптичките уреди со IDE интерфејс. Но, како што и помеѓу тврдите дискови постои поделба на IDE (или Paralel ATA) и Serial ATA дискови, така постои и помеѓу оптичките уреди. Моделите од новите генерации ќе бидат произведувани исклучително за Serial ATA интерфејсот. Ова значи дефинитивен крај за стариот IDE (Paralel, ATA) интерфејс, но сепак транзицијата ќе се одвива постепено.
Но, да не должиме.
1. Откако сме одредиле место за вградување на оптичкиот уред во самото куќиште, лоцираме соодветен приклучок на матичната плоча (IDE или SATA), во зависност од видот на оптичкиот уред. Тука треба да ја имаме предвид можноста за приклучување на оптичкиот уред на посебна IDE гранка од тврдиот диск, со што се елиминира преоптоварување на интерфејсот и создавање на тесно грло во системот. Секако, можат да функционираат и на иста гранка, но важи ова што претходно го наведов. Значи, најидеално е тврдиот диск да го ставиме на IDE 1 конекторот на плочата како мастер, а оптичкиот уред на IDE 2 конекторот исто така како мастер.
2. Мастер модот го селектираме преку краткоспојник, како и кај тврдите дискови. Кај SATA дисковите и оптичките уреди “џампирањето” изостанува.
3. Ги приклучуваме каблите на матичната плоча и на оптичкиот уред. Каблите се исти како и оние кои се користат за поврзување на тврдите дискови.
4. Ги приклучуваме приклучоците од напојувањето.
5. IDE/SATA контролерите во BIOS-от треба да бидат вклучени (најчесто во подменито Integrated Peripherals).