Секој што го слушнал својот глас снимен на некој носач на звук, било да станувало збор за говор или за пеење, бил изненаден или дури и зачуден, бидејќи имал чувство дека тоа не е неговиот сопствен глас! Притоа, секој си го поставува прашањето: има ли некакво логично објаснување за тоа? Па, да – има!
Зошто снимениот глас ни звучи поинаку кога го слушаме снимен на некој носач на звук? Објаснување ни даваат тие што истражувале, и тоа гласи: репродуцираниот звук на сопствениот глас ни звучи поинаку од оној што ние го познаваме како сопствен, затоа што тој навистина е поинаков. Звукот на гласот што го слушаме додека зборуваме вообичаено е подлабок, и тој е комбинација на две звучни компоненти, додека репродуцираниот глас забележан на некој носач на звук е чист звук пренесен низ воздухот до внатрешното уво. За да можеме сето ова да го разбереме, неопходно е да ја знаеме анатомијата на нашето уво, кое е составено од три дела: надворешно, средно и внатрешно.
Ушната школка ги насочува звуците во слушниот канал. Звучните бранови се одбиваат од цврстото тапанче терајќи го да вибрира. Трите ковчиња на средното уво ги засилуваат вибрациите и ги насочуваат кон ушното тапанче. Додека ушното тапанче вибрира, течноста поминува во полжавот, кој тие вибрации ги претвора во нервни сигнали. Тие со помош на слушниот нерв патуваат до слепоочниот дел од черепот, односно до големиот мозок, каде што се обработуваат во информација.
Но, да се вратиме на главната тема на написот: зошто нашиот глас се разликува од неговата снимка?
Звукот може да допре до нашето внатрешно уво по два одделни пата. Едниот од нив е патот на звукот низ воздухот, а другиот пат води низ коските на главата. Звукот воден низ воздухот се пренесува од околината низ надворешниот слушен канал, потоа низ нашето ушно тапанче и средното уво доаѓа до полжавчето, кое има спирален облик и плива во течноста што го исполнува внатрешното уво. Кога зборуваме, звукот пренесен преку коските доаѓа директно до полжавчето низ ткивата на главата, заедно со звукот што сами го произведуваме и доаѓа до увото од надвор, преку воздухот. Значи, кога зборуваме или пееме, звукот од нашиот сопствен глас допира до внатрешното уво по двата канала и е комбинација од две звучни компоненти. Нашиот глас звучи подлабоко поради механичките својства на главата кои ги истакнуваат подлабоките вибрации со пониски фреквенции.
Кога зборуваме, енергијата на звукот се шири низ воздухот околу нас и доаѓа до нашето полжавче низ надворешното уво, но исто така се пренесува и од гласните жици, преку коските и ткивата, директно до полжавчето. Кога зборуваме или пееме, гласните жици се отвораат и се затвораат со исфрлање воздух, кој создава резонанца внатре во грлото и во усната празнина. Некои од тие резонанци се пренесуваат на коските од главата и доаѓаат до полжавчето. Значи, кога го слушаме она што го зборуваме, тоа е некоја мешавина од повеќе звуци, додека кога ја слушаме снимката на која е снимен нашиот глас, како и кој било друг звук кој доаѓа од околината, ние слушаме само звук што доаѓа по еден единствен воздушен пат. Во овој случај, компонентата на звукот која се создава во коските од главата и во устата и грлото е елиминирана. Така, слушаме глас кој е поинаков од нашиот, и вообичаено тој е повисок. Значи, коските на главата се однесуваат како еден вид филтер за високи фреквенции, а воздухот нив ги пропушта, иако и низ него се губат дел од високите фреквенции.
Можеме да ја испробаме и обратната варијанта, ставајќи чепчиња во ушите. Тогаш ќе го слушаме само нашиот внатрешен глас бидејќи компонентата на звукот што доаѓа однадвор е елиминирана. И овој глас се разликува од снимениот, но и од оној што го препознаваме како наш кога зборуваме.
Интересно е тоа што постојат луѓе со абнормалности во внатрешното уво кои ја зголемуваат неговата сензитивност на компонентата на звукот што се создава во коските од главата, и тие можат многу јасно да си го слушнат звукот од сопственото дишење, па дури и звукот што го создаваат нивните очи кога се движат лево-десно во очните празнини.