Рубрика: Фототехника
Курс по основи на дигиталната фотографија
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.02.2018 - 00:00

Македонскиот центар за фотографија од 6 до  20 март организира курс по Oснови на дигиталната фотографија. Курсот има за цел да ги воведе учесниците во основите на дигиталната фотографија преку обработка на следниве содржини: појава на дигиталната фотографија; дигитални фотокамери, мемориски картички, сензори и објективи; креативна употреба на експозицијата; боја и температура на боја; формати на запис: RAW, TIFF, JPEG. Курсот опфаќа предавања, демонстрации и практични вежби преку коишто учесниците ќе се стекнат со теоретски знаења и практични вештини за користење на дигиталните фотоапарати и изработка на дигитални фотографии.

Обуката ќе ја одржи проф. м-р Роберт Јанкулоски, основач на Македонскиот центар за фотографија. Јанкулоски е декан на Факултетот за филмски уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, каде што предава фотографија и студиска фотографија. Има одржано 32 самостојни изложби во Македонија, Франција, САД, Бугарија, Австрија, Србија, Белгија, Германија, Турција и во Унгарија. Учествувал на многу групни изложби вклучувајќи ги: Манифеста 1 – Европско биенале на современи уметности во Ротердам, 1996, Context Europe (Импулс од Балкан) во Виена 2002. IMAGO MUNDI, Меѓународен уметнички проект на Бенетон, 2015,  Aftermath, Changing Cultural Landscape, Виена 2014. Добитник е на повеќе награди за фотографија.

На крајот на курсот, од секој учесник ќе бидат отпечатени по две фотографии коишто остануваат во нивна сопственост. Сите учесници добиваат сертификат за завршен курс по дигитална фотографија.

Обуката чини 5800 денари, во што се вклучени 20 работни часа и материјали за работа.

Сите заинтересирани можат да се пријават или да добијат повеќе информации на следниве е-маил адреси robert.jankuloski@gmail.com и makcentarfoto@gmail.com или на телефон 070 231 055, Роберт Јанкулоски.