Од страна на физичарите досега неколкупати беше најавувана евентуална појава на некоја “нова физика”, но, деновиве изгледа дека конечно таа е реалност! Имено, група истражувачи од Универзитетот Рочестер излегоа со соопштение во научното списание Nature Optics дека креирале нов вид честички, т.н. “полантони”, кои за разлика од “реалните” честички, имаат негативна маса! Методата за нивното создавање се состои во тоа што ласерски сноп рефлектиран од огледало се насочува во една многу мала оптичка пукнатина во еден ултратенок полуспроводник, па фотоните од ласерскиот сноп интерактираат преку катализатор со полуспроводникот, и ефектот е креација на честички кои покажуваат својство на материја со негативна маса!
Веднаш ќе нагласиме дека материјата со “негативна маса” не е исто, што и “антиматерија”, па тие два поима не треба да се поистоветуваат. Еве ја нивната разлика: накусо кажано, масата на антиматеријата има ист предзнак како масата на “редовната” материја, а како доказ за тоа е што и двете материи меѓусебно се привлекуваат, а доколку нивните маси би имале спротивни предзнаци, тие меѓусебно би се одбивале! Како концепт, антиматеријата ја вовел англискиот физичар Пол Дирак (Paul Dirac) во 1928 година, а експериментално е потврдена во 1932 година. Оттогаш наваму таа е редовен продукт во експериментите со забрзувачи на честички (particle collider).
Разликата меѓу “редовната” материја и антиматеријата од една страна, во споредба со материјата со негативна маса од друга страна, најубаво ќе ја објасниме со математичката формула за II Њутнов закон F = m • a (F = сила која дејствува на телото, m = маса на телото, a = забрзување). Кај “редовната” и антиматеријата забрзувањето “a “ на телото е секогаш во насока на дејството на силата. Па така, ако телото го туркаме од себе, забрзувањето ќе биде во насока оддалечување од нас, а ако телото го влечеме, забрзувањето “а “ ќе биде во насока приближување кон нас. Но, поинаку стојат работите кај материјата со негативна маса. Кај неа наведената формула добива облик F = (–m) • a, па производот (–m) • a, сега има спротивен знак од знакот на силата “F “, па последицата, забрзувањето “a“ сега е во спротивна насока од насоката на дејството на силата “F “! Така, ако тоа тело го влечеме кон себе, забрзувањето “а “ ќе биде во насока кон оддалечување од нас, а ако го туркаме од нас, забрзувањето “а “ ќе биде во насока приближување кон нас!
За крај, еве ја изјавата на лидерот на екипата, Ник Вамивакас (Nick Vamivakas): "Честичките со негативна маса може корисно да се употребат кај ласерските уреди. Имено, тие во спрега заедно со “редовната” материја, овозможуваат градба на ласерски уреди со т.н. “пуш-пул” (push-pull) излезен степен, како многу поделотворен, со оглед на тоа што бара многу помала енергија на неговиот влез”.
На тоа, ние уште само ќе дообјасниме дека push-pull излезниот степен всушност содржи два излезни засилувача кои наизменично се активираат во интервал од по 180° (половина циклус), вообичаено се употребува кај сите излезни аудио засилувачи со голема снага.