Во овој краток прилог ви претставуваме конструкција на LED-светло со можност за емисија на светлина со црвена, зелена или сина боја (трите примарни бои на RGB-моделот) и на светлина добиена со адитивно мешање на примарните (жолта, цијан, магента и бела). Основната компонента на ова светло е модул составен од три низи од по десет сериски поврзани моќни светлечки диоди со црвена, зелена и сина боја, со вкупна моќност од 30W. Бојата на емитираната светлина се контролира само со вклучување и исклучување на напојувањето на соодветните светлечки диоди преку три засебни прекинувачи и не е вградена дополнителна регулација на интензитетот. Светлото е за општа намена, а може да се користи и како светло за експериментална фотографија или видео.
Главните барања што си ги поставив при дизајнот беа едноставна конструкција на уредот, можност за напојување од различни извори на еднонасочен напон (автомобилски акумулатор, адаптер за напојување на лаптоп или батерии), заштита од инверзен напон, преносливост и можност за монтирање на статив (со употреба на дополнителен адаптер).
Други поважни елементи и материјали што ќе ви бидат потребни (доколку се одлучите да го изработите) се алуминиумски ладилник, вентилатор, леќа со рефлектор и адаптер за монтирање, три step-down и еден step-up прекинувачки конвертори на еднонасочен напон (со можност за фино нагодување на излезниот напон и ограничување на излезната струја), прекинувачи, алуминиумски профили и пластика за изработка на куќиштето. Модулот, леќата и конверторите ги порачав преку Интернет, а другите материјали ги набавив локално или искористив делови од стари или неисправни електронски уреди кои ги чувам само за таа намена. Вкупната цена на елементите и материјалите можеби и се приближува до фабрички изработените светла за слична намена, но заштедата не беше еден од мотивите во овој случај. Главна мотивација ми беше потребата од светло за експериментална фотографија и видео, задоволството од реализацијата на идејата и изработката и секако, одржување во креативна кондиција.
Повеќе детали и информации за елементите и за изработката на ова светло ќе најдете во видеото подолу. Во видеото се дадени основни информации за напојување на светлечките диоди, кратко упатство за мерење на струјно-напонската карактеристика на модулот, шема на поврзување на компонентите, постапка за нагодување на конверторите, составувањето, вградувањето во кутија и тестирањето на готовиот уред. Деталните димензии на ладилните тела и куќиштето не се дадени, од едноставна причина што најверојатно повеќето од вас ќе имаат други материјали или можеби и подобри идеи за изведба.
Поискусните електроничари можат да се обидат да направат и понапредна верзија на ова светло, што би вклучувала, на пример, регулација на интензитетот на емитираната светлина со потенциометри или, можеби, и со бежична контрола преку Bluetooth од апликација инсталирана на телефон.