Ова крајно песимистичко претскажување на судбата на Арктикот научно е наполно основано. Имено, топењето на арктичкиот лед постојано се забрзува, така што во последната деценија неговата површина и дебелина драстично се намалиле. Според информациите од НАСА и од американскиот институт NSIDC (National Snow and Ice Data Center, во превод Национален центар за податоци за снег и лед), површината на арктичкиот лед (види ја сликата во прилог) во денешно време е помала за 260 000 km2, во споредба со нејзиниот износ во минатата година во ист годишен временски период”. Истовремено, таа е најмала досега во споредба со последните 38 год., гледано во ист годишен временски период. Откако од 1979 год. започна да се следи температурата на Земјата преку сателит, оваа год. е трета по ред најтопла год. во низата од последните 3 год., и како последица од тоа, температурата на Арктичкиот Океан се покачила за 2,5°C над нејзиниот просечен износ, нешто коешто досега било незамисливо за климатолозите. Но, која е причината за ова забрзано затоплување на Арктикот, од што како последица забрзано исчезнува на неговиот лед, и тоа со стапка поголема од стапката на глобалното затоплување на Земјата!? Причината е во претходното извесно намалување на површината на арктичкиот лед, кој со својата белина всушност има улога на рефлектор на сончевите зраци и ги одбива во толку поголема мера, колку што е поголема неговата површина, и пропорционално на тоа го намалува и загревањето на Арктикот, но важи и обратното! Тоа значи дека Арктикот веќе никогаш нема да може да се врати во неговата првобитна состојба, туку перманентно ќе се затоплува, па неговата ледена покривка постојано ќе се намалува!
Поради загриженоста на климатолозите деновиве се одржа еден научен собир во Њу Орлеанс, на кој една група научници експерти во областа “поларна климатологија” настапија со декларација за загриженост за судбата на Арктикот. Нивното гесло беше: “Денес, Арктикот, каков што ние некогаш го знаевме, повеќе не е таков!”
Дури и американскиот поморски институт NOAA (National Oceanic and Atmospheric Administation), ја препозна големата промена во изгледот на Арктикот, па дури и му даде ново име; “New Arctic” (Нов Арктик). Директорот на тој институт, Џереми Матис (Jeremy Mathis), инаку експерт во областа наутика, повеќепати бил во посета на Арктикот и разочарано изјавил дека “Арктикот повеќе не може да се препознае!” Воедно, тој ја објаснил и оправданоста од загриженоста на научниците за натамошниот тек на климата воопшто, објаснувајќи дека ефектот од загревањето на Арктикот допира и подалеку од него; па така, во Северна Америка сè повеќе се покажуваат индикации за екстремни временски промени, какви што се, на пример, заклучоците од најновите климатски истражувања, објавени во медиумите во почетокот на минатиот месец, според кои наводно јасно се покажува јака поврзаност меѓу перманентното намалување на површината на арктичкиот лед и порастот на опасноста од појава на суша во Калифорнија.
Во тој контекст, според администраторот на NOAA, Тимоти Калаудет (Timohy Callaudet), Белата куќа во САД е запознаена со оваа опасност, па ќе видиме како таа ќе реагира, и дали и натаму ќе се држи надвор од светски усвоените мерки против глобалното затоплување на Земјата!?