Поканата за овај јубилеен 25 ти по ред Фестивал на аматерскиот и документарен филм ја прифатив со осoбeно задоволство. Причината е што како активен член на Народна техника Битола бев вкучен во оваа манифестација од нејзините почетоци пред четврт век. Драго ми е што, ете, дочекав да присуствувам на Јубилејот “Четврт век на ФДФМ – камера 300 како хроничар на оваа прекрасна манифестација од која многу научив за краткометражниот филм.
Моето излагање ќе го започнам со уводниот говор на господин Стефан Хаџиантоновски кој меѓу другото истакна: “Годинава, кога го бележиме 25. издание на Интернационалниот фестивал на аматерскиот (непрофесионален) филм - Камера 300, нашиот сон, сонот на филмските аматери од Битола, стана стварност. Желбата да се организира една филмска манифестација, каде се вреднува трудот на филмските аматери, стана реалност. Постоеја повеќе усилби во организирањето на една ваква манифестација иако секоја година се приложуваат апликации за ваквиот вид на културен настан“.
Во 1989 година, на годишнината од смртта на Милтон Манаки, се покрена иницијатива за организирање на филмска манифестација преку која трајно би се обележувало големо Манакиево дело. И бидна тоа. Се организираа првите Манакиеви средби на филмските сниматели од Југославија, а кој прерасна во денес Интернационалниот фестивал на Киноматограферите “Браќа Манаки“.
Фестивалот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Македонија, градоначалникот на општина Битола, Народна техника – Битола, Кино видео клубот “Студио Милтон Манаки“ – Битола, и Кино Сојузот на Македонија.
По уводниот збор на Стефан Хаџиантоновски, член на советот на фестивалот, јубилејниот 25-ти по ред фестивал свечено го отвори новоизбраниот градочалник на град Битола, г-ѓата Наташа Петровска.
Врз основа на информациите кои ги добив од советот на фестивалот, г-дата Стефан Хаџиантоновски и Стојан Стојановски, за овој фестивал пристигнале вкупно 43 документарни филма од 12 земји. Интернационалното жири во состав др. Стефан Сидовски – Македонија (претседател на интернационалното жири), проф. др. Станимир Трифунов – Бугарија, Владимир Анѓелковиќ – Србија, Јосип Грозданиќ – Хрватска и проф. др. Мишо Нетков – Македонија, донесоа одлука во официјалната проекција на 27-ми октомври да бидат прикажани 9 филма, а вториот ден 28 да бидат прикажани 8 филма.
Со едногласна одлука на жири-комисијата, најпрестижната награда Гран При му припадна на авторот Џемс Калмерс од Велика Британија, за филмот “Пофалба за црвената телефонска кутија”. Филмот, всушност претставува сеќавање за едни минати времиња на телефонските кабини кои останаа како неми сведоци во новото време на мобилната телефонија.
Секако ќе ги споменам и останатите наградени филмови :
Филмови во официјална проекција:
• прва проекција (27.10.2017 година)
– “Страсна недела – Бигорски манастир” на авторот Томе Аљушев освои Златна медаља на UNICA;
– “Село во срцето на градот” на авторот Радован Ѓелиќ од Србија освои Златна Камера 300,
– “Манастир с. Марино“, чијшто автор на филмот Диме Талевски се стекна со Плакета за репортажа,
– “Прозорец во Среќа“, авторите на филмот Драгор Латиновиќ и Илија Галоња од Србија се стекнаа со Сребрена камера 300,
– “Зимски ден“ од авторот Милан Живковиќ од Србија доби Плакета за камера,
– “Виолинист“ од авторот Петре Чаповски доби Бронзена камера 300,
– “Носталгија за едно време“ од авторката Оливера Груевска освои специјална Плакета.
– “Зр Зр” од авторот Горан Поповски освои Плакета за режија,
• втора проекција (28.10.2017 година)
– “Регенсбург” од авторот Оскар Г. Шиберт од Германија се стекна со Плакета за монтажа,
– ”Тораја: живеење за плати со животот“ од автор Јосеф Рота Шпанија освои Плакета за идеја,
– ”Биљана платно белеше“ чиишто автори се груша ученици од ОУ Христо Узунов, се стекна со специјална плакета,
– “Неизбришива трага” од авторите В. Иванов и С. Николаев од Бугарија освои специјална Плакета,
– “Живот од прв ред“ од авторите Д. Латиновиќ и И. Галоња од Србија освои Сребрена Камера 300,
– “AQUA REI” од авторот е Кристијан Кочовски,
– ”Колешински водопади“ од авторот Диме Талевски освои плакета за репортажа,
– “Сакан роден крај“ од авторите В. Иванов и С. Николаев од Бугарија, на кои им беше доделена специјална плакета.
Општ е впечатокот дека фестивалот од година во година е во подем, доаѓаат филмови од цел свет, а оваа година пријатно изненади и учество на документарен филм од Шпанија. Секако, ја искористив можноста да поразговарам со дел од учесниците за нивните впечатоци, а и со членовите на стручното жири. Провејува извесно мислење дека некои филмови се во рамките на документарниот филм, но со подолга содржина. Се гледа дека се правени со професионална опрема и веќе не се далеку од професионалниот филм. Квалитетот е секако на високо ниво и во иднина и македонските творци треба повеќе да се ангажираат.