Деновиве, поточно кажано во ноќта помеѓу 13 и 14 ноември, имавме можност да видиме на ноќното небо редок астрономски феномен, т.н. Супер Месечина, појава во која Месечината се покажува 14% поголема и 30% посјајна во однос на нејзините редовни секојдневни покажувања.
Причината за овој феномен се должи на елипсестиот облик на орбитата на Месечината околу Земјата. А ако сакаме да бидеме наполно прецизни, треба да додадеме дека двете тела – Земјата и Месечината, меѓусебно орбитираат околу заедничкото тежиште на нивните маси наречено барицентар, кој се наоѓа 4 670 km оддалечен од центарот на Земјата во насока кон Месечината.
Последицата од елипсестиот облик на орбитата на Месечината во однос на Земјата е тоа што Месечината наизменично се приближува и се оддалечува од Земјата. Кога таа е најблиску до Земјата (во перигеј) оддалечена е 363 104 km од неа, додека кога е најдалеку од Земјата (во апогеј) оддалечена е 406 696 km.
Но, најголемата близина на Месечината до Земјата не е единствениот услов за појава на супер Месечината. Вториот услов е Месечината да биде во фаза на т.н. полна Месечина токму кога се наоѓа во таа најблиска точка до Земјата. Ова ретко се случува, па поради тоа супер Месечината е мошне ретка појава. Имено, последната таква појава била забележана во 1948 година, а следната ќе се случи дури на 6 декември 2052 година.

На сликата во прилог е покажана компарација помеѓу супер Месечината – полна Месечина во перигеј, и микро Месечината т.е. полната Месечина кога е најдалеку од Земјата (апогеј). Разликата во нивната големина е очигледна.