Рубрика: Астрономија и астронаутика
Нов циклус предавања од Скопското астрономско друштво
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 10.10.2016 - 18:53

Минатиот месец Скопското астрономско друштво го започна својот, веќе традиционален, есенски циклус на предавања од областа на астрономијата. Предавањата како и секогаш се од популарен тип и ги покриваат основните принципи и факти од областа на астрономијата, а слушателите не мора да имаат особени предзнаења од оваа наука.
Во есенскиот циклус досега веќе се одржани две предавањa – “Потрага по Земја 2.0”, во светлото на најновите откритија на НАСА за екстрасоларна Земја во нашето соседство, како и “Колонизација и тераформирање на Марс”, поттикнато од најавата на Елон Маск за можноста од скорешна човечка мисија за освојување на Црвената планета.
Оваа недела предавањето на Скопското астрономско друштво се бави повеќе со темите коишто е неопходно да ги осознае секој вљубеник во астрономијата а уште повеќе секој иден астроном-аматер.
Предавањето насловено “Колку е големa вселената” ги поставува на разгледување следните прашања: Како се мерат растојанијата во Сончевиот систем, а како во Галаксијата или во целата Вселена? Всушност, колку е голема Вселената и како го знаеме тоа?
На предавањето овој четврток, со помош на неколку показни експерименти од Скопското астрономско друштво очекуваме исцрпни и стручни одговори за секое од овие прашања.
Сите заинтересирани предавањето може да го проследат во просториите на Амфитеатарот при ФЕИТ, овој четврток, 13.10.2016 година, од 20 часот. Влезницата за следење на предавањето чини само 100 денари.

Клучни зборови: