Есента традиционално е време за започнување на сите активности врзани со учењето. Од понудата на курсеви во Скопје, го издвојуваме Воведниот курс по астрономија којшто првпат го организира релативно новото здружение на граѓани – Астрономскиот центар Орион.
Циклусот предавања којшто ќе се орзува на Архитектонскиот факултет во Скопје, планирано е да започне на 4. октомври во 20 часот. Според Кристијан Шишковски, член на здружението Орион, се работи за повеќе од солидна програма на предавања којашто ја следи програмата од оваа област на еден од врвните универзитети во светот - Беркли.
Курсот е планирано да содржи од 15 предавања со сите основни теми и концепти од астрономијата, две предавања во Планетариумот и теренско набљудување со телескопи.
Планирано е да биде визуелно богат – да изобилува со мноштво од фотографии, цртежи и анимации, се со цел да обезбеди што поблиско нетехничко објаснување на модерната астрономија, вклучувајќи ја структурата и развојот на планетите, ѕвездите, галаксиите и Универзумот како целина. Курсот ја опфаќа целата материја за основите на астрономијата, објаснети и презентирани низ примери аналогни на нашето опкружување.
Во последните десетина години оваа наука доживеа голема експанзија, развој и усовршување.
Курсот е концентриран на најважните и највозбудливите аспекти во астрономијата и методите кои астрономите ги користат да развијат претстава за нашето опкружување.
Повеќе детали за курсот може да најдете на страницата на Астрономскиот центар Орион тука