Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сатурновиот невидлив мегапрстен “Phoebe"
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 28.07.2016 - 15:15

Доколку тој прстен би бил видлив, кога ние него би го гледале на ноќното небо од Земјата, тој би се покажувал со пречник двапати поголем отколку што се гледа пречникот на нашата Месечина. Прстенот е составен од прашина со темно обоени честички, па поради тоа е невидлив во видливото светлинско подрачје, меѓутоа “видлив” е во инфрацрвеното електромагнетско подрачје.

Откриен е во 2009 година од страна на една екипа астрофизичари, под раководство на Даглас Хамилтон (Douglas Hamilton), планетски научник на Универзитетот College Park, Мериленд, САД. Екипата го употребила телескопот вграден во орбитерот Spitzer, којшто (телескоп) е дизајниран да “гледа” во инфрацрвеното подрачје. Прстенот е наречен Phoebe, според името на Сатурновата месечина Phoebe, чија орбита лежи среде прстенот. Присуството на некој ваков прстен околу Сатурн астрономите го насетиле уште пред тој да биде официјално откриен во 2009 година, а клучната улога притоа ја имаше Сатурновата месечина Јапет (Japetus). Таа има пречник 1 468 km, орбита со должина на најголемата оска 3 560 851 km, и аналогно, како и Месечината кон Земјата, таа кон матичната планета покажува само една иста половина од својата површина.

Студирајќи ја оваа месечина, астрономите воочиле дека нејзината половина перманентно свртена кон Сатурн, се покажува сосема бела, додека спротивната нејзина половина поодалечена од Сатурн, перманентно се покажува затемнета во голема мера, небаре се работи за две различни месечини. Како објаснување, научниците заклучиле дека страната на Japetus којашто перманентно изгледа потемна, се наоѓа во сенката на некој надворешен, невидлив прстенест облак, па затоа таа се покажува потемна. Откритието на овој прстен ја потврди точноста на таа претпоставка.

Но, како настанал овој прстен? Како што кажува неговото име, тој можеби потекнува од прашинест материјал оддуван од површината на Сатурнова месечина Phoebe, која, како што веќе наведовме, има орбита којашто лежи среде прстенот (види ја сликата во прилог). Меѓутоа, астрономите не ја исклучуваат можноста прстенот да потекнува од прашливиот материјал од некоја друга, досега неоткриена Сатурнова месечина, впрочем Сатурн има 62 месечини за кои ние знаеме. “Сега, кога ние знаеме повеќе околу Сатурновиот невидлив мегапрстен, се наметнува прашањето дали и други планети во Сончевиот систем имаат слични невидливи прстени?”, заклучува Даглас Хамилтон, водачот на екипата.

Клучни зборови: