На Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, на 12. мај, преку работилницата FutureComNet, се одбележа Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество – 17 Мај. Третата, по ред, работилница FutureComNet беше организирана на тема “Интернет на нештата“ (Internet of things).
“Институтот за телекомуникации при ФЕИТ го одбележува Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество по трет пат. Ја организираме оваа работилница FutureComNet на тема “Интернет на нештата“, што претставува еден од врвните концепти во 2015 година избран согласно Гарднеровата класификација (според која се одредуваат технологиите по значење). Овој ден се слави од 1969 како ден на телекомуникациите, а од 2006 година како ден на телекомуникации и информатичкото општество“, рече професор д-р Лилјана Гавриловска, раководител на Институтот за телекомуникации при ФЕИТ.
Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски, оваа традиционална конференција се повеќе се етаблира во областа на телекомуникациите.
“ФЕИТ е единствен факултет каде што се изучуваат и истражуваат телекомуникациите. Како Факултет имаме високо реноме дома и во светот. Добитници сме на многу награди и признанија во оваа област, а оваа година имаме и научник на годината на УКИМ, кој произлегува од овој Институт. Тоа, само по себе, говори за високото ниво на посветеност и истражувања во оваа област, каде сме предводници на новитетите како високо-образовна институција“, рече Станковски.
За Срѓан Крчо, доктор на науки и сопственик на компанијата “Дунав нет“ од Србија, оваа област овозможува дигитализација на стопанството со премин од традиционалниот начин на работа.
“Всушност, овој концепт објаснува како работите од физичкиот свет да се поврзат на интернет и да станат дигитални. Во Србија, пример, градот Нови Сад е вклучен во неколку европски проекти за “мудри градови“, рече Крчо.
Благој Стојанов, менаџер во компанијата Хуавеи (Huawei), концептот “Интернет на нештата“ е нова ера во информатичко компјутерската технологија која ќе го смени начинот на живеење и функционирање на луѓето, на машините и нештата околу нас.
“Македонија, се уште, нема проекти кои се реализираат во согласност со овој концепт, иако постојат неколку пилот фази за “Интернет на нештата“. Се разбира, сите чинители се насочени кон развој на овој иден концепт“, вели Стојанов.
За професор д-р Марјан Гушев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје може да биде и се работи на тоа да стане “мудар град“. Пред слушателите, професор Гушев образложи неколку проекти кои дејствуваат во насока на уредување на политиките на ниво на град.
Едниот проект се однесува на зголемувањето на искористеноста на велосипедот со помош на информатички алатки за подобрување на инфраструктурата, а другиот проект, според професор Гушев, се однесува на поставувањето носечки ЕКГ сензор (кој се лепи како налепница на телото на личноста) и преку мобилниот телефон ги пренесува сигналите за работењето на срцето до одреден сервер. Овој проект е финансиран од Фондот за иновации како проект кој воведува систем за рано предупредување од срцев удар.
Темата на денешната работилница, според Петар Статев од Европскиот институт за стандардизација (European Telecommunication Standards Institute), е многу важна и ќе обезбеди работа за многу млади инженери, бидејќи во себе вклучува телекомуникации, cloud, мобилни врски, сигурносна инфраструктура и секако, ќе има огромно влијание врз животот на луѓето.
“За да бидете успешен инженер на глоблниот пазар, треба да ги знаете стандардите. Тогаш, може да направите кариера и да бидете најдобри, без разлика каде сте завршиле образование и од каде доаѓате“, им порача Статев на идните инженери.
Исто така, на ФЕИТ се одбележаа 160 години од раѓањето на Никола Тесла и 100 години од раѓањето на Клод Шенон, двајца еминентни научници кои со својот придонес дадода ексклузивен развој на телекомуникациите.