Рубрика: Роботика
Започнува седмото издание на Робомак
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.03.2016 - 16:40

Годинава по седми пат, во организација на ФЕИТ се одржува семинарот за роботика RoboMac, чијашто цел е популаризација на роботиката меѓу студентите од Македонија и Европа.
Целите на RoboMac се: oвозможување на практична работа од областа на роботиката; меѓусебна размена на знаења и искуства од оваа област помеѓу домашните и странските учесници; приближување на роботиката кон средношколците и тн.
На семинарот, кој се одржува oд 7-ми до 13-ти март учество ќе земат 50 домашни и 30 странски учесници, кои по шестдневна обука ќе си ги одмерат силите на финалниот натпревар.
Во рамките на RoboMac 2016 планирани се предавања на истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката, кои ќе им го пренесат своето знаење на учесниците.
Учесниците во текот на семинарот ќе присуствуваат на предавањата, а истовремено ќе работат мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар. Како и секоја година, се со цел да се задржи трендот на иновативност и внесување на новитети во натпреварувањето, и оваа година ќе се промовираат две нови категории (Симулација на квадрокоптер и Генерирање на траекторија на топка - робот). Целата манифестација ќе кулминира на 12 март, кога ќе се одржи финалниот натрпеварот во Домот на АРМ и ќе бидат прогласени победниците во категориите:
• Сумо - два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот;
• Роботска рака - ќе се оценува прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака;
• Хуманоид - се оценува комплексноста на изведената точка;
• Трка - роботи кои следат линија ќе се тркаат на патека;
• AI – Game of Spies - интелигентни агенти кои ќе се натпреваруваат меѓу себе во логички игрa;
• Симулација на квадрокоптер – програмирање на квадрокоптер;
• Генерирање на траекторија на топка робот – движење на топка робот по одредена траекторија за избегнување на препреки.
Повеќе информации за Робомак на официјалната страница на настанот тука