Во 1948 година британскиот физичар Фред Хојл (Fred Hoyle) го изумил терминот “Биг Бенг” со намера иронично да го протолкува космичкиот модел за постанокот на универзумот, на кој тој жестоко му се спротивставуваше! Но, малку по малку терминот започна да се вовлекува во терминологијата на астрофизичарите во смисла на момент на “раѓање” на универзумот пред 13,7 милијарди год. од енормно вжештена и густа материја, па така прекарот “Голема експлозија” останал во оптек. Меѓутоа моделот за “раѓањето” на универзумот воопшто не зборува за некаква експлозија, туку само ја раскажува историјата на универзумот поаѓајќи од моментот t = 10-43 секунди, што значи од моментот кога тој веќе постоел! “Ние не знаеме ништо за моментот t=0 бидејќи физичките закони кои ние ги познаваме не дозволуваат да се поместиме во време поназад од t=10-43 секунда”, објаснува Карло Ровели (Carlo Rovelli), истражувач во Центарот за теоретска физика од Марсеј. “Можно е универзумот воопшто да не започнал во моментот t=0, но, и ако таков момент постоел, тој сигурно не наликувал на експлозија на бомба”, завршува Ровели.