Денес е последен ден на IDF 2015 во Сан Франциско. Пред Москон центарот има далеку помалку гужва поради тоа што голем дел од посетителите веќе наголемо се пакуваат и подготвуваат за вечерашните патешествија по аеродромите. Некои се веќе и заминати. Другата, можеби вистинската причина е мамурлукот. Имено, минатата ноќ Intel ни подготви една феномална забава со многу бендови во живо, на кое нормално се служеше пиво произведено во околината на Сан Франциско. Знаете, програмерите сакаат пиво.
Градот повторно нè дочекува без сонце. До мене поминуваат колеги-новинари, неколкумина очигледно од некоја ладна Европска земја судејќи според нивниот бел тен, дојдени со надеж дека барем малку ќе се изнасончаат и загреат на топлото калифорниско сонце, мрморат и се жалат на времето. Коментарот на едниот: “Sunny California my ass”.
Денес е денот на кратки технички презентации. Мега-сесиите завршија и организаторите сакаат да ни дадат време да ги посетиме и оние најмали штандови на кои обично стои еден човек.
Од стотината интересни хардверски прототипи и игри, за овој ден издвојуваме неколку кои го привлекоа нашето внимание.
Една иновација ни доаѓа во форма на ракавица. Неа ја има измислено момче со име Austin Veseliza, а демото е навистина импресивно. Погледнавме како во реално време, ракавицата, со едноставно носење на десната рака, е способна да го преведе американскиот знаковен јазик кој го користат луѓето со посебни потреби - во обичен говор.
Голем акцент на IDF е ставен на RealSense, технологија која во идина ќе се вградува во камерите (веќе има и неколку уреди, но не многу). Овој штанд е најголемиот на вториот спрат, па можеме да заклучиме дека Intel навистина се надева на успехот и адаптацијата од страна на големите производители. Од игрите кои подржуваат RealSense би сакале да ги споменеме најимпресивните:
LaserLife, луда приказна сместена во одличен саундтрак и со речиси ретро изглед, со повремени 8 битни спрајтови кои набрзина поминуваат на екранот. Играта се игра со движење на раката во воздух, без никакви контролери. Нешто како Кинект, но со едноставно користење на вградената RealSense веб камера. Играта за неколку месеци ќе се појави на Steam.
Wild Blue Yonder е игра базирана на стрип. Стрипот е навистина атрактивен, а тоа што е поатрактивно е како е искоритена RealSense камерата, со која сте во можност да гледате во сцената од стрипот и од страна. Тешко е да се објасни колку ова изгледа одлично во живо и колку ќе им се допадне на гејмерите кои се исто така вљубеници и во стрипот.
Сакате ли Minecraft? 3D scanning plugin for Minecraft ви овозможува скенирање на модели кои потоа можете веднаш да ги вметнете во играта. Едноставно го поставувате моделот пред RealSense камерата, и за неколку секунди имате готов модел.
Излегуваме од Москон Центарот, вистинска модерна американска градба наменета исклучиво за настани од ваков тип. Ова е последен ден, и некако ми е криво што ќе морам да си одам веднаш по завршувањето. До родното Скопје ме очекуваат 2 дена пат. Се прашувам, измислил ли Intel некој уред кој директно во мозокот , преку сонди, ќе ви симулира дека 12 часовното чекање во аеродромот на Атланта е всушност шетање во некој американски забавен парк?
Очекувајте еден обемен напис за IDF во наредниот број на Емитер, далеку потехнички од овие написи кои сакавме повеќе да бидат на ниво на дневник. Ако сте гикови како нас, верувајте дека ќе бидете дополнително изненадени.
Од Сан Франциско за Емитер,
Марјан Ташевски