Започна и вториот ден на IDF 2015 во Сан Франциско. Јас, вашиот дежурен известувач, поради лошата адаптација при промената на временските зони, се разбудив во 3 наутро, иако настаните започнуваат околу 9. Од околу 7.30, со неколку колеги новинари од Мароко (кои ги сретнав по пат, и тие со иста идеја како мојата) се упатив кон Москон центарот, мислејќи дека ќе бидеме меѓу првите посетители, а според тоа и ќе ги добиеме најдобрите места. За наша несреќа, на истото тоа се беа сетиле и неколку илјади други гости (заклучуваме дека сите имаат проблем со промената на временската зона), па местото не беше ништо поразлично во времето кога започнаа да се отвораат вратите, еден час подоцна. Врвулица од луѓе, џагор и врева, и насекаде насмеани лица. Околу целиот Москон центар мириса на кафе, надвор се делат крофни. Иако ни пропадна идејата и сме ненаспани, едноставно не можете да бидете нерасположени во ваков позитивен и сончев град, колку и да не ви е денот. Intel не можеле да одберат подобра локација за овој настан, верувам дека ова го помислуваат сите додека ги јадат своите крофни на топлото утринско сонце. По три јаки кофеински дози, го прогласувам за започнат вториот ден на IDF.
Вчерашниот ден го посветивме на новините од Intel, а денес ќе обрнеме повеќе внимание на производите од други компании засновани на решенија од Интел. И овој пат ќе бидеме кратки, чувајќи го најдоброто за целосната репортажа, која ќе биде објавена во наредниот број на Емитер.
Започнуваме со една од големите најави за овој ден, презентација на Intel со наслов IoT (Internet of Things) and Big Data Insights. Во публиката повторно неколку илјади посетители. Веруваме дека оваа тема е мошне интересна за читателите на Емитер поради тоа што изработката на IoT уредите неретко е поврзана со концептот “направи сам” и со електрониката (читај: леткумот в рака). Претставен е еден импресивен уред кој го измислило момче пораснато на фарма, но исто така со длабоко познавање на компјутерите и електрониката. Се работи за уред што се вика FarmLogs: направа којашто се поврзува со трактор или комбајн, а служи за анализа на голем број податоци што им се потребни на фармерите: колку дожд паднал на нивата, квалитетот на обработливата површина, колку се здрави растенијата итн.. Се разбира, сето ова преку апликација за мобилен телефон. Ако се занимавате со фармерство, или ако знаете некого што се занимава со оваа дејност, најтопло ви препорачуваме да го посетите farmlogs.com/flow и да разгледате за што се работи. Секако, целата платформа работи на решенијата на Intel.
По неколку други интересни, кратки технички презентации, следува најава за платформа којашто ќе се користи за лекување на заболени од рак ( www.intel.com/content/www/us/en/healthcare-it/collaborations). Се работи за технологија што ќе им помогне на болниците едноставно и лесно да се поврзат една со друга, за да можат да ги споделуваат наодите од лекувањето на своите пациенти. Се вика Collaborative Cancer Cloud, open source платформа, која ни ја претстави Ерик Дишман (Eric Dishman), човек кој по 23 години борба со ракот, денес е излекуван и е генерален директор на одделот Health & Life Sciences во Intel. Ако на лекарите на Ерик им биле потребни 23 години да изработат лична терапија која ќе биде конкретно приспособена на неговиот генетски код, Intel ветува дека со користењето на оваа платформа, тоа време ќе се намали на само еден ден. Вистинскo епохално откритие, а според нас, ова е секако најблагопријатната вест на оваа конференција. Едноставно нè радува кога технологијата се користи за добробит на целото човештво.
По завршената презентација, преминуваме на второто ниво од Москон центарот, на кое, освен тоа што се наоѓаат просториите за медиуми и новинари, се наоѓаат импресивен број мали и интересни гаџети развиени од независни програмери (најчесто од еден или тим од двајца). Овие штандови најчесто се преполни со програмери и електроничари кои со голема возбуда ги слушаат и ги впиваат информациите за тоа како некој уред е направен од почеток до крај, директно од устите на креаторите. Имавме голема привилегија за прв пат да ги видиме прототипите на овие гаџети кои сè уште не се објавени во пошироката јавност.
Proglove
Минатогодишниот финалист на Intel Make it Wearable Challenge, Proglove (www.proglove.de), е ракавица изработена од страна на поранешни вработени во BMW, која им помага на вработените во производството или им дава поддршка да работат поефикасно. Понатаму, од анализата на собраните податоци, може да се научи многу за тоа како некој производствен процес се извршува, за подоцна тој да се унапреди и да стане подобар.
Nixie
Кратко кажано, камера што лета. Nixie (flynixie.com), е всушност победникот на Intel Make it Wearable Challenge 2014, а со тоа и добитник на 500000 долари. Во Џемс Бонд стил, овој минијатурен дрон со вградена камера полетува од вашата рака, снима видео од воздух, за потоа повторно да ви се врати. За да се убедите дали е ова толку импресивно како што звучи, погледнете го линкот.
OpenBionics
Под покровителство на Европската комисија, на IDF15 го гледаме OpenΒionics (www.openbionics.org), open source иницијатива за развој на лесни роботски раце и протетички уреди со мошне пристапна цена (под 100 долари). Ако другите беа импресивни технолошки иновации без кои некако можеме да преживееме, OpenBionics е уште една благородна идеја претставена на IDF која во иднина ќе им помогне на многу луѓе.
Се надеваме дека повторно ве изненадивме со интересни вести од IDF 2015. Овој настан наскоро ќе полни 20 години, а секоја година станува сè помасовен и поинтересен. Нема збор дека Intel е една од компаниите (а можеби се и број еден) кои го движат светот кога е во прашање технологијата. Во денешното модерно живеење, оваа гранка од науката е, де факто, двигател на целата наша цивилизација кон една подобра заедничка иднина (освен ако не нè уништат роботите), а IDF е во самиот врв на настани од овој вид.
Со нетрпение го очекуваме утрешниот, финален ден.
Од Сан Франциско за Емитер,
Марјан Ташевски