Рубрика: Физика
Не се знае колку тежи 1 kg
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 06.08.2015 - 17:35

Дефиницијата на мерката 1 килограм е воспоставена на тој начин што е изработен еталон од иридиум и силициум, кој од 1889 година се чува под три стаклени ѕвона во подземна просторија на Меѓународниот завод за тегови и мерки во Севр. Но, во денешно време ваквата архаична дефиниција на килограмот е депласирана со оглед на тоа што таа е единствената од седумте постоечки мерки во Меѓународниот систем за единици и мерки, која не е предефинирана. На пример единицата за должина, метарот, не е повеќе дефинирана како должина на платинска прачка, која се чува во Севр, Париз, туку во 1983 год. е предефинирана како должина која светлината ја поминува за 1/299792458 = 0,000000003335640952 секунди во вакуум, мерено со екстремно точен цезиумски часовник. Причината за оваа предефиниција е што денес ние можеме попрецизно да мериме време отколку должина, а тоа може да се направи во која било соодветно опремена лабораторија. За разлика од тоа, за да знаеме колку точно тежи 1 kg, треба да имаме пристап до фамозниот еталон за да можеме да правиме компарација со него. Меѓутоа, денес еталонот нема иста тежина која ја имал пред еден век кога бил изработен. Имено неговата тежина денес се променила за 50 µgr (микрограма)! Според тоа ургентно е нужно да се најде вистинска дефиниција за 1 kg. Притоа во оптек се два пата. Едниот пат е да се реализира кугла од 1 kg силициум и да се измери нејзиниот волумен за да се дефинира килограмот како одреден број атоми. Другиот пат се темели на електромагнетската сила, која се појавува при течење на струја низ намотка. При тоа компарацијата на една маса, која држи рамнотежа со таа сила, ќе овозможи килограмот да се дефинира како фундаментална константа во физиката. Но, бараната точност сè уште е далеку од досегот, па дефиницијата за килограм нема шанса да биде предефинирана пред крајот на 2015 год.

Клучни зборови: