Рубрика: Астрономија и астронаутика
Замрзнати рамнини во срцето на Плутоновото "срце"
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.07.2015 - 12:13

Во најновите податоци од вселенското летало “Нови хоризонти” на НАСА, една од новите слики на Плутон направени одблиску открива огромна рамнина без кратери којашто се чини дека е стара најмногу 100 милиони години, а можеби и сè уште се обликува од геолошки процеси. Овoj смрзнат регион се наоѓа северно од ледените планини на Плутон, во левиод дел на централно област во облик на срце, неформално наречена Томбо (Tombaugh Regio) по Клајд Томбо (Clyde Tombaugh), кој го открил Плутон во 1930 година.
Карактеристиките на теренот им задаваат главоболки на геолозите вклучени во мисијата “Нови хоризонти” бидејќи тешко можат да се објаснат. Според Џеф Мур, кој е главен во одделот за геологија, геофизика и обработка на сликите на “Нови хоризонти” при Истражувачкиот центар Ејмс на НАСА, "Откривањето на огромни, многу млади рамнини без кратери на Плутон ги надминува сите очекувања пред да се направи прелетот".
Овој фасцинантен регион од ледени рамнини, налик на замрзнати пукнатини од кал на Земјата, неформално е наречен Рамнина Спутник (Sputnik Planum) по првиот вештачки сателит на Земјата. Рамнината има искршена површина од неправилно обликувани сегменти, со пречник од околу 20-тина километри, оивичена со, како што се чини, плитки корита. Некои од овие корита во себе имаат темен материјал, додека други се придружени од купчиња ридови кои, се чини, како да се издигнуваат над околниот терен. На други места, површината како да е испреплетена со полиња од мали јами кои веројатно се формирале по пат на сублимација, процес при кој мразот директно преминува во гасна состојба.
Научниците имаат две работни теории за тоа како се формирале овие сегменти. Неправилните форми можеби се резултат на контракција на површинските материјали, слично на она што се случува кога се суши кал. Алтернативно, тие можеби се производ на конвекција, налик на движењето на восокот во популарните “лава” светилки. На Плутон, конвекцијата би се случувала во рамките на површинскиот слој од замрзнат јаглероден моноксид, метан и азот, под дејство на топлината којашто доаѓа од внатрешноста на Плутон.
Ледените рамнини на Плутон, исто така, прикажуваат темни дамки долги и по неколку километри. Овие ленти се чини дека се подредени во иста насока и може да се формирани од ветрови коишто дуваат над замрзнатата површина.
Сликата "Срце на срцето" е направена во вторникот (14.7.2015 г.) кога “Нови хоризонти” беше на оддалеченост од 77 000 km од Плутон и на неа се видливи теренски конфигурации со пречник од 1 километар. Научниците вклучени во мисијата ќе дознаат повеќе за овие мистериозни терени дури следната година кога нови слики со повисока резолуција и стереосликите од “Нови хоризонти” ќе пристигнат назад до Земјата.

Клучни зборови: