Рубрика: Макетарство и моделарство
Државно првенство во радиоуправувани модели 2015
Автор: Перица Поповски
Објавено на 14.07.2015 - 15:29

Радиоуправуваните модели, претставуваат врв на воздухопловното моделарство и не е случајно што побудуваат големо внимание, како кај натпреварувачите така и кај посетителите кога се одржува и најмалата манифестација. Овој натпревар се одржа порано од вообичаено, но оправдано, бидејќи селекторот ја има таа задача да одреди членови на репрезентацијата. Факт е дека во значителна мера порасна бројот на учесници, категории и пред сè квалитет.

Во организација на Воздухопловната федерација и клубот за воздухопловни спортови “Фил Феникс” Прилеп, на 20 јуни на спортскиот аеродром во Прилеп се одржа овогодинешното Државно првенство на Република Македонија во воздухопловно моделартво, категорија радиоуправувани модели.
Извонредната подготвеност на натпреварувачите, извонредните временски услови помогнаа организаторот по не знам кој пат подготвено да го дочека и да го спроведе до крај натпреварот на извонредниот спортски аеродром крај с. Коњари во Прилеп.
На теренот кој овозможува максимални спортски достигнувања се појавија натпреварувачи од Скопје, Битола, Кавадарци, Охрид, од градот домаќин. Натпреварот се одвиваше согласно правилникот на (ФАИ), оддел радио управувани модели, а се постигнаа извонредни резултати, што се должи на сè поголемата подготовка и вистинска желба за докажување.
Во категоријата радиоуправувани едрилици на погон на електромотор, победниците беа прогласени по изведените четири летови, при што се бодуваше времетраењето на летот на моделот и прецизното слетување. Во категориите моторни радиоуправувани модели на погон со внатрешно согорување и електромотори и хеликоптери, се бодуваа сложени фигуративни летови изведени во две програми, акробации (основна програма со 6 акробации и напредна програма со комплет од 11 акробации).

РЕЗУЛТАТИ ОД ДРЖАВНОТО ПРВЕНСТВО
Ф-3-А Акробатски радиоуправувани модели (напредна програма),
1. место: Недан Пановски, Аероклуб Скопје; 2. место: Иван Христов, Аероклуб Скопје и 3. место: Драган Цветановски, Аероклуб “Мирко Тодоровски” Битола

Ф-3-А Акробатски радиоуправувани модели (основна програма),
1. место: Борис Вишинов, Аероклуб Скопје; 2. место: Лазе Данов, Аероклуб “Витачево” Кавадарци и 3. место: Сашо Милошевиќ, Аероклуб “Витачево” Кавадарци.

Ф-5-Ј едрилици
1. место: Драган Цветановски, Аероклуб “Мирко Тодоровски” Битола; 2. место: Сашо Милошевиќ, Аероклуб “Витачево” Кавадарци и 3. место: Горан Стевковски, Аероклуб “Витачево” Кавадарци

Ф-3-Ц/Х Хеликоптери (основен комплет акробации)
1. место: Филип Мировски, Аероклуб Скопје и 2. место: Сашо Милошевиќ, Аероклуб “Витачево” Кавадарци

Согледувајќи ги резултатите со право можам да заклучам дека учесниците покажаа висок степен на подготвеност, а токму поради тоа резултатите и не изостнаа. Факт е дека од година в година, категориите се менуваат во согласност со финансиските можности на учесниците, но и на светскиот тренд на развој на техниката и технологијата во таа насока.
Очекувано, и оваа година, шампион по незнам кој пат е непобедливиот Недан Пановски, а само чекор до него е Иван Христов. Пријатно изненадување е Драган Цветановски, кој покажува јасен напредок веќе во две категории. Категоријата едрилици со помош на електромотор е сè повеќе застапена, и верувам во сè поголемата масовност во иднина. Мојот обид пред повеќе години да направам самоградба токму на таков модел беше успешен и ме радува што се продолжи во таа насока. Токму со таков модел настапував на аеромитингот во Куманово. Технологијата напредна, особено што сега се користат мотори без четкички и со контрола на вртежи. Во таа насока тргнаа и моделарите од АК “Витачево” Кавадарци, а резултатите не изостанаа. Појавата на радиоуправувани модели-хеликоптери е огромен напредок, особено поради фактот што учесниците направија комплет акробации додека настапот на квадрокоптери беше само ревијален, но огромен чекор напред.
Во седумдесеттите години, кога го започнавме развојот на радиоуправувани модели во орагнизација на тогашниот ВСМ (Воздухопловен сојуз на Македонија) започнавме со категоријата Ф-3-Б (радиоуправувани модели-едрилици), за постапно од година в година да се приспособуваат категориите согласно зголемените можности за набавка и сè поефтината електронска опрема (предавател, приемник и помошен прибор). Или поточно, започнавме со радиостаници на 27 MHz, а сега веќе наголемо и масовно се користат радиостаници на 2,4 GHz, со што е овозможена многу подобра комуникација со РЦ-моделот и во крајна мера посигурно. Сепак, жалам што категоријата Ф-3-Ј едрилици се изгуби бидејќи навистина беше посебно наменета за масовност.
И да динесам заклучок, направен е огромен исчекор напред во технологијата, квалитетот на управување и организација на една ваква манифестација. Особено радува фактот што веќе има масовност и врвен квалитет, а останува да им се овозможи на најквалитетните да настапат на натпревари од меѓународен карактер и да ги одмерат силите со најдобрите во светот. Секако најголема пофалба за организаторот, клубот за воздухопловни спортови “Фил Феникс” Прилеп.