За да се открие температурата на некоја ѕвезда, доволно е да се гледа нејзината боја. Ако се потпрете на вашата интуиција, според која во вашата свест црвената боја асоцира на оган, ќе ви биде чудно кога ќе дознаете дека сините ѕвезди се пожешки од црвените! Но, на физичарите тоа воопшто не им е чудно. Имено, тие знаат дека секоја материја емитува зрачење кое се карактеризира со одредена бранова должина, која зависи од температурата на таа материја. Така помалку загреаните тела емитуваат зрачење во т.н. инфрацрвено браново подрачје, невидливо за голо око, но со повишување на температурата зрачењето се поместува во видливиот дел од електромагнетскиот спектар, започнувајќи од подрачјето на црвената боја и поминува преку сите бои на “виножитото”, за на крај, кога телото е најжешко, да досегне во подрачјето на сината боја. Но, за да се досегне до таму во секојдневниот живот треба многу повеќе топлина отколку што се постигнува во обичните топилници: имено, за досег до температурата која постои на површината кај сините ѕвезди, нужни се повеќе десетици илјади Целзиусови степени.