Рубрика: Физика
Постојат повеќе од 3 агрегатни состојби на материјата
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 12.06.2015 - 16:30

Во XIX век, научниците дефинирале три агрегатни состојби како единствено постоечки во кои материјата може да се појавува: цврста, течна и гасовита состојба. Дефиницијата беше поставена според микроскопски критериум: меѓусебната поврзаност на молекулите во материјата.

Имено, кај материјата во цврста агрегатна состојба молекулите се меѓу себе цврсто поврзани, па нејзиниот облик е фиксен. Кај течната агрегатна состојба молекулите се лабаво поврзани, па овде обликот на материјата може да се менува, но сепак молекулите остануваат во меѓусебен контакт, додека кај гасовитата агрегатна состојба молекулите се до таа мера “слободни”, така што гасовитата материја експандира тежнејќи да се рашири во целиот слободен простор.

Но, под “притисок” на резултатите од натамошните истражувања на материјата, научниците “прокнижиле” уште неколку нови агрегатни состојби, почнувајќи од 1928 год. со плазмата: состојба во која јадрата и електроните во молекулите се наполно раздвоени независно едни од други, па таа материја наликува на обична “супа” од расфрлани елементарни честички.

Денес се знае дека плазмата беше главна материја во раниот универзум. Но, што е тоа кое дозволува плазмата да не биде третирана како верзија на гасовитата состојба на материјата? Тоа се физичките својства, а тие се радикално различни кај овие две состојби. Така новата дефиниција на агрегатните состојби, или како што се изразуваат научниците “транзиција на фазите”, е воспоставена според физичките својства (спроводливост, притисок...), а не според поврзаноста на молекулите.

Таквата дефиниција доведе до откажување од класичниот модел според кој материјата се појавува во само три агрегатни состојби, па во XX век листата на агрегатните состојби се прошири со некои нови состојби: Бозе-Ајнштај кондензати (екстремно ладна состојба, така што атомите ја губат нивната индивидуалност), понатаму состојба на суперспроводливост, квазикристаличност, суперцврстина... и листата може уште да се проширува.

Клучни зборови: