323светлински години нè делат од ѕвездата Северница. Ова се 111 светлински години помалку од досегашната процена, која беше направена во '90-тите години на минатиот век со помош на сателитот Хипаркос (Hipparcos). Стуткана на крајот од опашката на Малата Мечка, Северницата секогаш го покажува северот. Токму во оваа насока Дејвид Тарнер од Универзитетот во Халифакс го насочил рускиот телескоп БТА-6 за потоа попрецизно да ја пресмета оддалеченоста на оваа ѕвезда од Земјата.
1,40 m изнесува оддалеченоста којашто е способен да ја прерипа пигмејскиот штурец. Ова е еквивалентно на 250 пати од должината на телото на овој инсект, која изнесува 5 mm. Според пресметките на Малком Бароуз од Универзитетот “Кембриџ”, овој тип штурец при скокот поднесува забрзување од 306G. За споредба, астронаутите при лансирање претрпуваат забрзување од 3G.
0,59 mm годишно изнесува придонесот на ледените прекривки на половите од Земјата во подигањето на нивото на морето, коешто на годишно ниво се издигнува за 3 mm. Од 1992 година Гренланд има изгубено, во просек, по 152 милијарди тони годишно. Ситуацијата е спротивна на Антарктикот: Западниот дел и полуостровот губат по 65 и 20 милијарди тони годишно, но затоа источниот дел трупа нови 14 милијарди тони мраз секоја година.
32,2% од сперматозоидите се губат во период од седумнаесет години, што изнесува намалување од 2% секоја година. Според испитувањата направени во Франција, просечниот Французин на возраст од 35 години во 1989 година имал бројност од 73,6 милиони сперматозоиди на милилитар, додека во 2005 година оваа бројка паднала на 49,9 милиони. Доколку не се запази границата на плодност, која инаку изнесува 15 милиони на милилитар, се влошува самата градба на сперматозоидите.
500 km/h изнесува крстосувачката брзина којашто ќе ја постигне новиот јапонски воз со магнетна левитација, чиј прототип беше претставен во ноември 2012 година. Ова е за 1,2 пати побрзо од најбрзите комерцијални возови кои се во оптек денес. Најавено е Јапонскиот воз да се најде во употреба за 2027 година.