Тимот на Jet Propulsion Laboratory (JPL) на НАСА и Мајкрософт се здружија во развој на софтверот наречен OnSight, нова технологија којашто ќе им овозможи на научниците да работат како да се на Марс. Ова ќе го направат со користење на таканаречената wearable технологија од Мајкрософт - HoloLens. OnSight ќе им овозможи на научниците да го испланираат и, со помош на роверот Кјуриосити, да спроведат повеќе научни опити на Црвената планета.
Според зборовите на Дејв Лејвери, програмски директор за мисијата за Научната лабораторија на Марс од оваа технологија се очекува суштински да ја промени перцепцијата за Марс, како и да им помогне на научниците подобро да ја осознаат околината на Марс околу роверот, без да го напуштат удопството на своите канцеларии на Земјата.
OnSight ќе се користи вистински податоци од роверот и ќе ги прошири постоечките алатки на роверот Кјуриосити со создавање 3Д-симулација на неговото опкружување на Марс, каде што ќе можат да се соберат научници од целиот свет. Научниците од програмата ќе бидат во можност да го испитаат работното место на роверот од иста гледна точка како и машината, ќе можат да планираат нови активности и да направат преглед на резултатите од нивната работа од прва рака.
Досега, за управување со работата на роверот научниците требаше најнапред да ги проучат сликите добиени од Марс на компјутер, и така да донесат заклучоци за она што тие го гледаат. Но, сликите, дури и оние направени во 3Д стерео техника, не можат да го доловат природното чувство за длабочина во просторот како што тоа го прави човечкото око.
Системот OnSight користи холографски пресметки за да ја спои визуелната информација и податоците од роверот во слика којашто му се прикажува на визирот на корисникот. Холографските пресметки го спојуваат приказот од физичкиот свет со компјутерски генерирани слики, со што се добива слика којашто е мешавина од виртуелниот и реалниот свет.
За да влезат во холографскиот свет, членовите на тимот на мисијата Кјуриосити го користат уредот HoloLens од Мајкрософт, којшто ги опкружува со слики од Марс од местото на коешто се наоѓа роверот. Тие потоа можат да шетаат по карпестата површина или дури да клекнат за да испитаат некои карпести формации од различни агли. Оваа алатка на научниците и инженерите им овозможува нов, поприроден начин за истражување на Марс.
Алатката OnSight, исто така ќе биде користена и при планирање на операциите на роверот. На пример, научниците ќе можат да испрограмираат активности за голем број научни инструменти на роверот со гледање на целта и гестикулација при управување со командното мени.
JPL планира да го започне тестирањето на технологијата OnSight на мисијата Кјуриосити во текот на оваа година. Идните примени на оваа технологија може да ги вклучат и операциите на роверот Марс 2020, како и други примени кои би оделе во насока на поддршка на патувањето на НАСА на Марс.