Мистериозната Планета X можеби сепак се крие во рамките на нашиот Сончев систем?
Една нова анализа на орбитите на екстремните транс-нептунски објекти (скратено ЕТНО) укажува на можно постоење на најмалку две планети поголеми од Земјата коишто се кријат зад орбитата на Плутон.
Научниците проучија 13 смрзнати небесни тела, ЕТНО-a, како што е џуџестата планета Седна, коишто се движат околу Сонцето по екстремно елиптични патеки на огромна оддалеченост.
Според астрономите, теоријата поставува одредени критериуми за орбитите на ЕТНО објектите. Така, на пример, тие би требале да имаат просечна оддалеченост од Сонцето од околу 150 АЕ. Но, орбитите на 13-те ЕТНО сосема се разликуваат, нивниот елиптичен орбитален радиус варира од 150 до 525 АЕ, а се со просечни инклинации од околу 20 степени.
Како што имаме спомнато повеќепати, 1АЕ (астрономска единица) е всушност растојанието помеѓу Сонцето и Земјата, коешто изнесува околу 150 милиони километри. Овие орбити, меѓу другите карактеристики, треба да имаат инклинација од речиси 0 степени, релативно на рамнината на Сончевиот систем.
Изобилството на објекти со неочекувани орбитални параметри ги наведе астрономите да помислат дека некои невидливи сили ја нарушуваат распределбата на орбиталните елементи на ЕТНО објектите. Како најверојатно објаснување за овие неправилности, тие предлагаат дека е постоењето на планети со орбити подалечни од Нептун и Плутон.
Точниот број на нови објекти е неизвесен, со оглед на тоа што податоците со коишто се располага се ограничени, но пресметките на тимот воден од Карлос де ла Фуенте Маркос укажуваат дека во нашиот Сончев систем се кријат уше најмалку две, а многу веројатно и повеќе планети.
Според астрономите, потенцијалните неоткриени светови би можеле да бидат помасивни од Земјата, а би се наоѓале на оддалеченост од околу 200 АЕ или повеќе од Сонцето, толку далеку што би било многу тешко, ако не и невозможно, да се откријат со денешните современи инструменти.
Новите резултати, коишто детално беа презентирани во два труда во журналот Monthly Notices of the Royal Astronomical Society Letters, не се првите што го предлагаат постоењето на таканаречена планета X.
Во март 2014, Чедвик Трухиљо и Скот Шепард го објавија откритието на 2012 VP113, ЕТНО чијашто орбита во ниту една точка не е поблиска од 80АЕ. Објектот 2012 VP113 и се придружи на Седна како една од двете познати жители на "внатрешниот Ортов облак", далечен и во најголем дел неистражен регион од вселената зад Кајперовиот појас.
Трухиљо и Шепард предлагаат дека орбитите на 2012 VP113 и Седна се во согласност со продолженото присуство на објект којшто предизвикува големи пертурбации, можеби планета којашто е десетпати помасивна од Земјата, а се наоѓа на оддалеченост од 250АЕ од Сонцето.
Доколку теоријата добие потврда, резултатите би биле навистина револуционерни на полето на астрономијата, вели Де ла Фуенте Маркос.
Сепак, научниците додаваат дека се можни и други објаснувања. На пример, Седна и 2012 VP113 можеби биле изместени на нивните сегашни позиции како последица од дамнешна интеракција со другите ѕвезди од родното ѕвездено јато на нашето Сонце.