Пред околу 530 милиони години, камбриската експлозија донесе наплив од нови видови на Земјата, вклучувајќи ги и повеќето современи животински групи. Неодамнешните истражувања укажуваат на тоа дека, во текот на камбриската ера, животот еволуирал околу пет пати побрзо отколку што се развива денес. Ненадејното зголемување на бројот на видови понекогаш се нарекува и Дарвинова дилема, бидејќи, според номиналната вредност, се чини дека и противречи на Дарвиновата теорија за постепена еволуција.
Научниците сè уште не се сигурни што предизвикало бројот на видови вртоглаво да се зголеми во толку краток временски период, но Јан Далзајл (Ian Dalziel), професор на Универзитетот на Тексас при Институтот за геофизика, смета дека дел од одговорот можеби лежи во начинот на поместување на континентите.
Тој смета дека прастариот континент Лаурентија, денешна Северна Америка, останал врзан за суперконтинентот Гондвана подолго отколку што предлагаат сегашните модели на реконструкција. Некои актуелни модели укажуваат дека Лаурентија веќе била издвоена уште пред камбрискиот период. Наместо тоа, Далзајл смета дека во текот на раниот камбриски период, во просторот помеѓу Лаурентија и Гондвана имало длабоки океански води чиешто ниво значително пораснало при понатамошното тектонско поместување на плочите.
Поместената вода создала нови плитководни средини коишто станале подготвени за населување со нови видови. Поместувањето на континентите, исто така, најверојатно предизвикало и мешање на длабоките океански води, обезбедувајќи прилив на хранливи материи во плитките води, што поттикнало развој на нови форми на живот.
Далзајл смета и дека Лаурентиа во тие дамнешни времиња била споена со денешните Антарктик и Јужна Америка, а не со Европа и Африка, како што најмногу се верува.
Проблем е што самата реконструкцијата на континенталните поместувања е малку незгодна, поради тоа што научниците се потпираат на палеомагнетскита записи. Палеомагнетиските записи се наоѓаат во само некои карпести минерали коишто имаат траги од земјиното магнетно поле. Магнетниот запис покажува како магнетното поле се менувало низ времето како локацијата на тектонските плочи. Далзиел вели дека притоа лесно се одредува географската ширина, но малку потешко е со географската должина. Па така, тој смета дека токму во поглед на географската должина погрешно е пресметана положбата на некогашниот континент Лаурентиа. Ова би значело дека никој со сигурност не знае кога точно Лаурентиа се одделила од суперконтинентот.
Џон Гуџ, професор по геологија на Универзитетот во Минесота, којшто не бил вклучен во истражувањето, смета дека работата на Далзиел е навистина важна, бидејќи ги комбинира палеомагнетиските записи со геолошката евиденција од пет различни континенти. Ова е битно поради проблемот со палеомагнетиските записи коишто се менуваат со промените на магнетното поле на Земјата.
Сепак, како што истакнува Гуџ, истражувањето не го одредува точното време на конечно одделување на Лаурентиа. Ова го отвора прашањето за брзината со којашто се случувале тектонските поместувања. Па така, потребни се повеќе податоци за доразвивање на идејата.
Новото истражување е објавено во ноемврискиот број на списанието Geology.