За поларната лисица (Vulpes lagopus) досега владееше мислење дека еволуирала во Европа со ширењето на ледената прекривка во глацијалниот период којшто ја погодил земјата пред околу 2,6 милиони години. Но фосилните докази сугерираат дека животното веќе претходно се приспособило за живот во ладните и сурови услови во пределите на Тибет.
Додека планинареле по тибетските планини, палеонтологот Ксиао Ванг од Природонаучниот музеј на Лос Ангелес (Natural History Museum of Los Angeles County) и неговите колеги во карпите на височина од 4730 метри налетале на коски од вилица и заби.
Фосилите ископани од басените Зенда и преминот Канлан на Тибетската висорамнина не се совпаѓаат со ниту еден од 20-те познати вида на лисици. Научниот тим овој нов вид го именува со Vulpes qiuzhudingi, во чест на познатиот палеонтолог Кију Жудинг (Qiu Zhuding) од Кинеската академија на науки во Пекинг.
Повеќето лисици јадат и месо и растенија. Но, забите на новиот вид му припаѓаат на животно коешто претежно се храни со месо што е типично за предатори коишто живеат во екстремно ладни услови, вклучувајќи ги белите мечки, поларните лисици и волци.
Примероците се ископани од карпи чијашто старост е проценета на некаде помеѓу 3,6 милиони и 5,1 милиони години. Според Ванд, се работи за првите фосили од животно налик на поларната лисица пројдени надвор од арктичкиот регион, а коишто се постари од досега најстарите забележани фосили со старост од 3 до 4 милиони години. Се чини многу веројатно дека предците на поларните лисици живееле на Тибетската висорамнина.
Микаел Фортелиус, еволуциски палеонтолог од Универзитетот на Хелсинки, вели дека поларните лисици се едни од неколкуте животни кои го одбележуваат леденото доба и чиешто потекло може да се следи до Тибетската висорамнина, други примери се влакнестиот носорог (Coelodonta thibetana) и снежниот леопард (Uncia uncia). Студијата дава јака поддршка на хипотезата за тибетското потекло, којашто предлага дека голем број животни се адаптирале на студените услови во снежната Тибетска висорамнина, а потоа се распространиле низ целиот свет со заладувањето на климата којашто овозможила проширување на нивната животна средина.
Но сите не се убедени во тибетското потекло на поларните лисици. Според Ларс Верделин, палеонтолог на ‘рбетници од Шведскиот природонаучен музеј во Стокхолм, поврзувањето на овие два вида само врз основа на нивната исхрана е слаб доказ и дека е можно тие да еволуирале засебно.
Според него, потребни се помлади фосили, со старост од 1,5 до 2 милиони години, за да се утврди нивна филогенска поврзаност.