Океанот на Бурите (Oceanus Procellarum) е најголемиот од мариите, огромните темни дамки видливи на блиската страна на Месечината. Старите астрономи погрешно ги сметале овие карактеристики за мориња, и ги именувале со marem, латински збор за море. Дури во минатиот век е утврдено дека се работи за огромни рамнини исполнети од темен базалт.
Научниците претходно мислеаšдека Океанот на Бурите бил создаден при удар на астероид којшто зад себе го оставил овој огромен кратер со пречник од 3200 km, којшто потоа се исполнил со лава. Но, податоците добиени од мисијата GRAIL на НАСА откриваат дека Procellarum нема форма на круг туку е “порабен” со чуден, гигантски многуаголник под површината на Месечината. Ова укажува дека Океанот на Бурите не е последица од метеорски удар, туку дека се формирал при раздвојување на раседи на Месечината.
Леталата “близнаци” на НАСА од мисијата GRAIL, наречени Плима (Flow) и Осека (Ebb), од својата орбита околу Месечината извршија мерење на варијациите во јачината на гравитациското поле на површината на Месечината. Секој објект што има маса има и гравитациско поле со коешто ги привлекува околните предмети кон себе, а силата на ова поле зависи од количеството маса во објектот. Варијациите во силата на гравитациската привлечна сила на Месечината може да откријат како масата е концентрирана под површината.
Високопрецизната гравитациска мапа на Месечината, направена од мисијата ГРАИЛ, откри неочекуван збир на линеарни структури во форма на многуаголник со пречник од 2600 km околу Procellarum. Ова “ќошеста” форма на границата на Океанот на Бурите открива дека неговото создавање не се должи на космичко влијание, бидејќи во тој случај, ударот би оставил кружен “отпечаток” на рабовите.
Научниците предлагаат дека овие новооткриени структури се остатоци од долини коишто биле исполнети со смрзната лава. Овие долини се појавиле при отворање на раседите на површината од Месечината.
Новосоздадените долини се исполниле со лава до пред околу 3,5 милијарди години. Научниците сметаат дека оваа лава најверојатно потекнува од извори во самите раседни долини. Останува неизвесно дали новосоздадените долини се формирале пред или за време на вулканската активност при која Океанот на Бурите бил исполнет со лава што со ладењето ги формирала црните базалтни карпи коишто сега доминираат на површината.
Со ова откритие се потврдува дека младата Месечина била геолошки многу поактивна отколку што досега претпоставуваа научниците.
Сондите GRAIL (Gravity Recovery and Interior Laboratory) беа лансирани во септември 2011 година, а мисијата заврши во декември 2012 година, со намерно забивање (рушење) на двете летала во површината на Месечината.