Рубрика: Омнибус
Како да научите за испит во еден ден?!
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 02.12.2014 - 14:35

Сите кои студирале го знаат овој проблем: во текот на семестарот учењето се остава за понатаму бидејќи има време до колоквиумот или до испитот (се разбира дека има и исклучоци како и во сè), а времето наместо за учење, се троши на другарување и забава. Си велите: еднаш е човек млад и треба да се искористи тоа, а не да се седи дома или во студенскиот дом и да се учи. Не дека не треба да се ужива во животот и во слободата, но времето брзо поминува, деновите летаат, и за учење остануваат многу малку денови. И тогаш се бараат материјали, скрипти и книги и ве фаќа паника. Од многумина ќе слушнете и дека под стрес највеќе се памети?! Ако сте се нашле во таква ситуација, еве шест совети коишто можеби ќе ви помогнат, а особено овие совети се наменети за бруцошите, кои и немаат некакво искуство во подготовка на колоквиуми и испити:
1. Запишете си на еден лист точка по точка што сè треба да научите. Не треба тоа да биде опширен список, доволно е да ги запишете поглавјата и насловите на лекциите. На овој начин ќе имате увид што треба да научите и ќе оцените што е најбитно да научите.
2. Почнете со учење на најтешкото и најобемното што треба да го научите. Битно е така да почнете бидејќи сте одморни, а и после тоа, сето друго ќе биде полесно да го совладате. Покрај тоа, ќе се чувствувате добро бидејќи најтешкото сте го научиле.
3. Кога ќе почнете нешто да учите, не откажувајте се, завршете го тоа до крај. Немојте само да “прелетувате” по страниците или да скокате од една лекција на друга. Кога таа лекција ќе ја завршите, прецртајте ја од списокот што го направивте.
4. Правете паузи во учењето, но се разбира, не предолги. Нормално е да правите паузи. Тоа дури е и препорачливо за да го зголемите нивото на концентрација. Ако не можете паузите да ги одредите сами, нагодете аларм на телефон или на часовник. Паузите нека бидат околу 15 до 30 минути. За тоа време правете нешто што највеќе ве релаксира.
5. Не откажувајте се. И да не го положите колоквиумот или испитот, не откажувајте се. Наредниот пат ќе ви биде полесно, а можно е и да ви се падне нешто што највеќе го знаете, можеби некој ќе ви помогне или ќе можете да ѕирнете во листот на тој што ќе седи до вас! Значи, иако учите само тој ден, не откажувајте се. Ако не друго, ќе видите какви прашања се паѓаат.
6. Наградете се. Ако ви е многу тешко да седнете да учите, мотивирајте се со нешто што ќе си го ветите ако го положите колоквиумот или испитот. Притоа, помислете и на тоа како ќе ги израдувате и сите околу вас на кои ќе им приредите радост ако положите. И уште еден совет. Кога ќе завршите со учењето, спремете си ги работите и отспијте.
Советите ги даваат истражувачи кои се занимаваат со овие проблеми врз основа на истражувања меѓу студентите. Истите совети се применливи и на подолг период. Обидете се!