Рубрика: Аудио и видеотехника
И во музиката важи Дарвиновата теорија за природна селекција
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 11.11.2014 - 16:07

Компјутерска програма што работи според начелата на Дарвиновата природна селекција и според музичкиот вкус на седум илјади корисници на интернет би можела да биде начин на кој во иднина ќе се создаваат совршени поп-песни. На тоа упатува едно ново истражување објавено во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS). Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон осмислиле начин на произведување музика од звуци, но без композитор. Програмирале програми за изработка на музички јазли (musical loops) од случајно избрани звуци и потоа тие примероци ги пуштале да ги слушнат музички консументи за да кажат кои од нив највеќе им се допаѓаат. Резултат на сето тоа била музика исполнета со многу софистицирани акорди и ритми познати од некои модерни песни. Истражувачите сметаат дека резултатите од ова истражување можат да помогнат во објаснувањето зошто популарните музички трендови постојано се развиваат и зошто традиционалните музички форми можат да траат илјади години.
Научниците ја тестирале и теоријата, како се развиле културните промени во јазикот, уметноста и во музиката од аспект на Дарвиновата природна селекција, слично на еволуцијата на живите суштества. Тие ја симулирале оваа културна еволуција, испитувајќи седум илјади корисници кои ја сочинувале интернетската публика во експериментот дизајниран да одговори на неколку прашања. Главното прашање било: Може ли да постои музика, а да не биде таа производ на свесното и креативното. Ако може, како би звучела таа музика? Арманд Лирој (Armand Leroy), коавтор на ова истражување и професор на еволуциска развојна биологија на Кралскиот колеџ објаснува:
- Секој знае дека музиката е плод на традицијата и креативноста на музичките гении. Бах му го предал пламенот, факелот, на Бетовен, Бетовен на Брамс, Брамс на Ленон и МекКартни и така натаму. Прашањето е дали талентот е тоа што ја започнува музичката еволуција или нешто друго е во прашање ? Дали можеби на тоа има влијание потрошувачката сила и вкусот на илјадници консументи? Секогаш кога некој од интернет ќе преземе некоја песна наместо друга, тој го покажува својот избор, а милион избори е милион креативни дела. Ова преземање претставува селекција многу блиска на теоријата на природната селекција, која е во основата на животот на Земјата.
Компјутерскиот алгоритам во ова истражување под називот DarwinTunes, најнапред обработувал сто музички јамки, а секоја од нив траела по 8 секунди. Слушателите ги оценуваат во серии од по 20 примероци во скала од 5 точки, во распон од “Не можам тоа да го поднесам” до “Многу ми се допаѓа”. Биле правени комбинации од одбраните музички јамки и пак им биле пуштани на учесниците во експериментот, кој траел подолго време. Биле направени 2513 кобинации во издвоени “генерации” во кои музиката се развивала според вкусот на слушателите. На крајот, последните што им ги пуштиле им се бендисале на најголем број слушатели. Заклучокот бил дека еволуција постои и во музиката - многу слична на Дарвиновата природна селекција.