Денес, во конгресниот центар на Скопскиот саем, Неоком го претстави neoCloud и првата достапна услуга vDC – виртуелен податочен центар. neoCloud е бренд од портфолиото на професионални ИКТ услуги во соработка со интернет и телеком провајдерот Неотел. Целта на neoCloud e да им овозможи комплетна услуга во делот на ИКТ на сите потенцијални клиенти, без разлика на нивната големина и без инвестициски трошоци на принципот на месечно изнајмување ресурси и услуги. На овој начин клиентите имаат повеќе време за примарната дејност на нивниот бизнис.
vDC е инфраструктурна “услуга во облак", којашто овозможува високодостапна и безбедна околина за користење на виртуелните машини (сервери), а може да ја користат и компании, и организации, но и поединци. Високата достапност е постигната на тој начин што системот е поставен во два податочни центри на оддалечени локации во земјава коишто функционираат како една целина. Во секој од нив сите составни делови се удвоени и заштитени со најновата технологија за напојување. Безбедноста се остварува со шифрирана комуникација до интернет-порталот при пристапот до vDC којашто, пак, е заштитена со Next Generation Firewall и IPS. Притоа, на секој клиент му се овозможува и бесплатна употреба на (наменска) софтверскa електронска бариера (firewall) и рутер.
Доколку корисникот на услугата има потреба од дополнителни ресурси, тие може за неколку минути да му се стават на располагање со префрлување на корисничката сметка на друг пакет. Притоа, без разлика дали на корисникот му е потребна нова виртуелна машина или, пак, дополнителни ресурси на постоечките виртуелни машини, нивното овозможување се постигнува за помалку од 5 минути. Притоа, сите што ќе се решат за овие услуги ќе добијат сопствен податочен центар, без никакви инвестициски трошоци, а наплатата за услугите се регулира со месечни фактури според потрошените ресурси. Пристапот и управувањето со виртуелниот центар на податоци од страна на корисникот може да се оствари со помош на кој и да е интернет-прелистувач со Adobe Flash поддршка. Истовремено отстранета е потребата од некои посебни нагодувања како што се, на пример, статичка IP адреса или VPN врска. Целата комуникација е шифрирана со SSL преку https протоколот.
“Пред точно десет години го оформивме Неотел, а денеска пред јавноста Ви го презентиравме neoCloud. Со инвестиција од повеќе милиони евра, очекуваме дека neoCloud ќе се етаблира како број 1 “cloud computing” решение во Македонија, а ќе биде примамлив и за корисници надвор од републиката,” изјави г. Владислав Попов, генерален директор на Неоком АД.
“neoCloud е плод на долгогодишното искуство и високата експертиза на Неоком на полето на “cloud computing” технологиите. Секоја компонента на системот е удвоена во два географски одделени податочни центри (Скопје и Штип), кои функционираат како една целина во активен/активен режим на работа за максимална висока достапност на нашите услуги” изјави г. Даме Цветковски, директор на продажба, маркетинг и системска интеграција во Неоком АД.
Понатаму, г. Трајче Черепналковски, генерален директор на Неотел ДОО изјави: “Соработката меѓу Неоком и Неотел ќе ни овозможи платформа за развој на нови услуги, како и поголем фокус на нашиот бизнис. Со помош на neoCloud, македонските веб-страници ќе ги вратиме во Македонија, каде што и припаѓаат” .
На крајот, г. Никола Марковски, претставник од локалната канцеларија на HP изјави: “Многу сме задоволни што Неоком го одбра HP како решение за имплементација на neoCloud. Неоком е долгогодишен HP партнер и во моментов го има највисокиот партнерски статус - HP Platinum Partner. Со овој проект Неоком се приклучи на програмата “Cloud Builder”, меѓу ретките партнери во регионот за имплементација на “cloud computing” решенија засновани на HP технологија”.
Неоком АД е лидер на македонскиот ИКТ пазар во поглед на виртуелизациски решенија, автоматизација и управување на бизнис процесите. Во поглед на технологијата “cloud computing”, Неоком е единствениот сертифициран провајдер според VSPP програмата од страна на VMware на територијата на Република Македонија. Посветеноста кон високотехнолошки решенија и стручната експертиза е потврдена од страна на HP со највисоката партнерска титула - HP Platinum Partner.