Почитувани читатели на ЕМИТЕР, голем поздрав од Сан Франциско!
Седумнаесеттиот по ред Интел девелопер форум денес официјално беше отворен од страна на главниот извршен директор на Интел – Брајан Крзанич (Brian Krzanich). Крзанич во своето воведно излагање даде осврт на четирите области кои се во фокусот на Интел: поврзување на уреди со цел прибирање и анализа на податоци, попознато како Internet of Things (IoT), облека и модни додатоци со вградена технологија (wearables), мобилни уреди (таблети, лаптопи и хибридни уреди), како и поддршката што Интел му ја дава на Движењето на креаторите (The Makers Movement).
Интересно e да се види како компанијата позната по производството на микропроцесори, не само што го шири дијапазонот на производи навлегувајќи во постоечки пазари, туку во тесна соработка со партнерите и крајните корисници, креира нови пазари и отвoра одлични можности за соработка и иновација. Повеќе за проектите (Galileo, Edison, Open Internet Consortium итн.) коишто се основа на овој нов правец во кој се движи Интел, ќе можете да прочитате во следниот број на ЕМИТЕР.
Во текот на воведното излагање, Крзанич повика неколку свои колеги и партнери, па заедно презентираа уреди коишто се производ на меѓусебна соработка. При опишувањето на напорите на Интел за креирање технологија што може да се носи како гардероба или како додатоци, Крзанич го истакна двојниот фокус – уредот да биде технолошки корисен, но исто така и да биде нешто што корисникот би го носел и во случај кога батеријата би се испразнила. Еден од уредите што ги презентираше се слушалките SMS Audio Biosport, коишто и тој ги користи и кои претставуваат нов пристап кон придружните уреди на сите што трчаат. Слушалките овозможуваат да си ја набљудувате состојбата на срцевиот ритам и да слушате музика додека се полнат преку вашиот паметен телефон. Паметниот часовник MICA (односно нараквица) беше соработка помеѓу Интел и Open Ceremony за да се создаде уред којшто е дизајниран да биде физички привлечен и со стилски изглед.
Колку и да се интересни овие уреди на Интел, тие се неспоредливи со останатите технологии кои Крзанич и други извршни директори на компании ги презентираа, како во воведното излагање, така и во сесиите што следуваа во остатокот од денот.
Веќе со излагањето на генералниот менаџер за податочни центри, Дајан Брајант (Diane Bryant), беше јасно која е големата слика кон која цели Интел. Секој уред, почнувајќи од оние кои можат да се носат како додаток или гардероба, па сè до мобилните уреди и интернет поврзаните домови и згради, сè е поддржано од податочен центар. Интел се обидува да ги опфати и да ги процесира сите тие огромни податоци, не само за да се справи со огромната количина на трансакции што нашите уреди ги генерираат, туку и да помогне во нивната анализа, сè со цел да се подобрат бизнис процесите, секојдневните навики, па и решават проблеми за кои не сме свесни дека постојат . Дајан најави дека Интел лансира развојна платформа “А-Wear“ за анализа на податоците генерирани од популарните “wearables“.
По презентациите на модните додатоци, колку да се потсетиме дека сме на настан организиран од Интел, Кирк Скауген (Kirk Skaugen) најави дека петтата генерација на процесори од семејството на Core n – SkyLake, ќе се појави во втората половина на 2015, и ќе донесе поголема ефикасност и подобрен животен век на батеријата. Сè уште станува збор за 14nm процесор, кој е наменет за широка палета на уреди, од таблети и уреди 2-во-1 до десктоп машини.
Според она што можеше да се види во првиот ден на ИДФ 2014, уредите 2-во-1 всушност се во центарот на мобилната стратегија на Интел. Како сегмент уредите 2-во-1 се најбрзо растечкиот сегмент на мобилните компјутери, а Скауген најави дека процесорот Core M ќе поддржи голем дел од тие уреди. Чиповите Core M се дизајнирани да овозможат високи перформанси кај уреди што немаат активно ладење.
Една од технологиите која предизвика најголемо внимание на првиот ден од ИДФ беше RealSense. Технологија што користи 3D-камери, интегрирани сензори (како компас, жироскоп, осветлување и притисок), а Интел нуди и RealSense SDK, кои овозможуваат партнерите да ја интегрираат оваа технологија во своите производи.
Извршниот директор на Дел компјутери – Мајкл Дел (Michael Dell) го презентираше првиот комерцијален уред што ја користи оваа технологија. Dell Venue 8 7000 е 6 милиметри тенок таблет којшто ја користи камерата RealSense Snapshot Depth на Интел и со тоа овозможува креирање на одлични фотографии. Тоа што е импресивно и предизвика овации во салата беа можностите за уредување на фотографијата коишто доаѓаат благодарение на 3D податоците – како промена на фокусот по нејзиното зачувување.
Засега толку. Следете нè и во следните неколку дена, на www.emiter.com.mk наскоро ќе има повеќе податоци за останатите содржини на ИДФ 2014.