На годинешниов саем за комерцијални возила IAA, што ќе се одржи во Хановер од 25 септември до 2 октомври, германската фирма ZF ќе го претстави својот нов систем за маневрирање на многу долги камиони кои се состојат од влекач, полуприколка и приколка, а се со вкупна должина и над 25 метри.
Се работи за исклучително интересна иновација. Имено, возачот е надвор од камионот и преку таблет-компјутер со екран осетлив на допир го влече со прстот камионот во посакуваниот правец, со што се остварува маневрирањето во реално време. Погонот на камионот е хибриден, што значи дека веднаш зад замаецот има електромотор со моќност од 120 kW и вртежен момент од 1000 Nm, кој е активен во моментите на маневрирање, со што нема загадување на околината. Нормално, овој пренос (ZF-TraXon Hybrid) специјално развиен за оваа пригода има пакет на батерии кои се полнат при нормалното возење на камионот. Сува ламелеста спојка се грижи за пренос на вртежниот момент од електромоторот кон трансмисијата. Ова е првата иновација којашто го поддржува овој проект. Втората иновација е механизмот за управување (ZF-Servotwin superimposed steering system). Тој е хидрауличен, со специјални електрични сервомотори за хидрауличната пумпа, кои треба да испорачуваат масло во системот кога моторот СВС не работи. На крајот, третиот сегмент од иновацијата е специјално развиениот софтвер и безжичната комуникација со таблетот преку кој на лесен начин и интуитивно се управува со маневрирањето. Скица на камионот од птичја перспектива е прикажана на екранот од таблетот и со допир со прстот на предниот или задниот негов дел на екранот и со влечење се реализира маневрирањето. Доколку прстот се дигне од екранот, тогаш камионот застанува, а истото се случува и доколку се прекине конекцијата со таблетот – радиусот на сигналот на безжичната мрежа е 25 метри.
Софтверски може да се избере и брзината на движење на камионот, и таа за движење напред може да биде меѓу 1 и 4,2 km/h, а за назад меѓу 0,5 и 2 km/h. Софтверот за управувањето е мошне сложен со оглед на тоа што управувањето е само со завртување на предните тркала, а тоа пак повлекува (иако меѓусебно зависни) контролирање на два агли – едниот од полуприколката во однос на влекачот, а другиот е аголот од приколката во однос на полуприколката.
Се предвидува светла иднина за оваа иновација која би била од неизмерна корист за возачите на камионите секаде онаму кадешто има потреба од маневрирање со камионот (при паркирање, утовар/истовар, сервисирање, технички прегледи и сл.).