Растенија или делови од растенија од сонцето апсорбираат фотони (светлина), ги складираат и ги конвертираат во биофотони. Интеракцијата меѓу светлината и биолошкиот материјал е посебна наука, наречена биофотоника, и таа денес има голема прифатеност во научните и во академските кругови. Следбениците на биофотонската теорија веруваат дека храната богата со биофотони има имунолошки и лековити својства.
Инаку, биофотоните се откриени од рускиот научник Александар Гурвич, во 1923 година. Тој прв ја изнел теоријата дека живите суштества емитуваат фотони во ултравиолетовиот дел од спектарот.
Оваа невидлива радијација на живите клетки Гурвич ја нарекол “митогенетско зрачење”.
Неговото откритие предизвикало многу бројни испитувања од страна на многу научници од целиот свет.
Но, првиот вистински напредок на оваа теорија се случил во седумдесеттите години на минатиот век, заедно со работата на германскиот научник Фриц-Алберт Поп, кој заклучил дека ДНК е главен извор на овие бранови што ги зрачи живата материја, и ги нарекол биофотони. Врз основа на истражување и одредени мерења, Поп покажал дека здравите луѓе зрачат многу посилни светлосни бранови од болните.
Денес со сигурност се тврди дека биофотони односно светлина со ниски фрекфенции се зрачи и од други форми на макромолекули, вклучувајќи хлорофил, ензими и хемоглобин. Оценувајќи ги биофотоните во различни артикли, Поп открил дека органски одгледуваната храна пренесува петпати повеќе биофотонска енергија отколку индустриски преработената храна. Исто така, органската храна која расте слободно (диво) емитува двапати повеќе, во однос на храната од култивираните органски оранжерии. Утврдено е и дека варената, печената и третирана на кој било начин храна исто така не зрачи биофотони.
Според истражувањата, дивата (самоникната) растителна храна е најбогата со биофотони. Така на пример, нутриционистите укажуваат дека лисјата од глуварче, коприва, печурките, оревите, капините и друго се храна со висок степен биофотони. Со внес на ваква храна во организмот, болниот многу брзо закрепнува. Биофотонските мерења покажуваат исклучително големи разлики, во зависност од начинот на исхрана. На пример, луѓето што јадат брза храна или често спроведуваат драстични диети имаатšоколу 1000 единици биофотонско зрачење. Овој број кај луѓето што јадат сурова храна изнесува околу 83 000 единици.
По дивите растенија, следни по зрачење биофотони се органски одгледуваните овошје и зеленчук.
Со цел да се споредат биофотонското зрачење од свежо овошје и зеленчук со зрачење од мултивитамински додаток кој ги содржи сите витамини во препорачана дневна количина, бил направен експеримент и било утврдено дека синтетските мултивитамини не зрачат биофотони.
Исто така било утврдено дека и човечкото тело емитува светлина, односно биофотони. Со користење високочувствителни камери, јапонските истражувачи откриле дека нивото на светлината што го зрачи човекот се менува во зависност од периодот на денот. Така, зрачењето е најниско во 10 часот, па најголемо е во 16 часот, а потоа почнува полека да се намалува. Се претпоставува дека емисијата на светлина е поврзана со метаболизмот. Лицето на луѓето сјае посветло отколку остатокот од телото, се претпоставува дека тоа е така затоа што лицето е најмногу изложено на сонце.
Можеби затоа кај некои народи постои обичај наутро неколку секунди или минути да се набљудува изгрејсонцето за да се биде здрав. Убав обичај. Покрај тоа, изгрејсонцето е убаво и денот ќе ви биде подолг и повеќе ќе сработите или ќе имате повеќе време за учење.