Рубрика: Телекомуникации
Супер-брзиот интернет до 2020-та ќе биде стандард
Автор: Сашко Таневски
Објавено на 14.07.2014 - 17:03

Супербрзиот интернет до 2020. ќе биде стандард
Денес во просториите на Агенцијата за електронски телекомуникации (АЕК) беше одржана прес-конференција на која беше претставен стандардот којшто телекомуникациските компании ќе треба да го достигнат до 2020. година.
На 10-ти овој месец, по претходна консултација со претставници на телекомуникациските оператори, Министерството за транспорт и врски, како и други стручни лица, АЕК донесе Правилник за начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства. Со правилникот се уредува начинот на изградба на јавните електронски комуникациски мрежи и придружни средства, а покрај тоа, негови цели се да ја заштити работната и животната средина, како и човековото здравје и безбедноста и да поттикне унапредување, развој и инвестиции во јавни комуникациски мрежи од новите генерации.
Правилникот, покрај другото, налага до 2020. година сите корисници на интернет во Македонија да имаат пристап до интернет со брзина од над 30 Mb/s и 50% од претплатниците да имаат пристап до интернет со брзина од над 100 Mb/s. При тоа, во него е предвидено миграцијата на корисниците кон мрежи со големи брзини да се одвива етапно. Во моментов, во Македонија, според податоците доставени од операторите, во четвртиот квартал од 2013 година само 3,61% од корисниците имаат пристап до интернет со брзина поголема од 30 Mb/s. Тоа е показател дека пред АЕК се поставени високи цели и дека претстои напорна работа за да се достигнат. Од тие причини, оваа година АЕК работи на спроведување на последните препораки од Европската комисија за транспарентност и недискриминација и нови методологии за регулација на брзи електронски комуникациски мрежи коишто се базирани на оптички влакна.
“Моменталната пенетрација на брз интернет преку оптички мрежи, за нас, како Агенција за електронски комуникации, е незадоволителна. Затоа, заедно со операторите на електронски комуникациски услуги, покрај овој правилник, работиме на низа мерки и подобрувања во регулативата што ќе поттикнат поголеми инвестиции во изградба на мрежи за обезбедување пренос со големи брзини и миграција на интернет-корисниците кон овие мрежи. Со тоа ќе ја постигнеме дигиталната агенда на Европската комисија, односно она што денес се смета за супербрз интернет, во 2020 година ќе биде стандард“ – изјави Роберт Орданоски.
Следната генерација пристапни мрежи се целосно или делумно базирани на оптика. Во случај кога операторот развива следна генерација пристапни мрежи, тогаш оптиката се простира од операторот, па сè до домот на крајниот корисник (FTTH - Fiber to the home). Во случај кога следната генерација пристапни мрежи се делумно базирани на оптика, тогаш тие се градат делумно на оптика и делумно на коаксијален кабел или бакарна парица (такви се кабелските мрежи примарно инсталирани за пренос на ТВ-сигнали или HFC - Hybrid Fibre Coaxial DOCSIS 3.0 или FTTC/FTTB, користејќи VDSL технологија за пристап).
Новите генерации мрежи овозможуваат следење на повеќе видеостримови со висока резолуција (HDTV), интерактивни видеоигри, брзо пребарување преку интернет, следење мултимедијални содржини со голема брзина, како и подобри параметри за квалитет, како што се пократко време на пропагација на мрежата, коишто се многу значајни за апликации што се користат во реално време (најчесто апликации за говор или видеоконференции преку интернет). Особено значајна придобивка на овие мрежи е што нудат симетричен пристап до интернет во појдовна и во дојдовна насока (download/upload). Тоа значи дека пренесувањето на фајловите од локалната терминална опрема (компјутер, паметен телефон, таблет и сл.) до некој интернет-сервер ќе се направи многу побрзо. За споредба, за преземање филм со стандардна дефиниција со големина од 700 MB преку традиционална интернет-врска од 6 Mbps потребни се приближно 15 минути, а во случај на пристапна мрежа од следната генерација со брзина од 100 Mbps, ќе биде потребно помалку од 1 минута. Во однос, пак, на прикачувањето (upload) документи или мултимедијални содржини, разликата во брзината е уште подрастична затоа што брзината што во моментов ја добиваат корисниците на хDSL и кабелски интернет достигнува до 1 Mbps и е неспоредлива во однос на брзината што ќе ја добијат со следната генерација мрежи.
Инсталирањето на следната генерација пристапни мрежи побарува високи инвестиции од страна на операторите, но оперативните трошоци за овие мрежи се многу помали отколку традиционалните мрежи. Со цел да се намалат трошоците за поставување мрежи од следната генерација, АЕК се залага за заедничка соработка помеѓу сите оператори, соработка со други институции и јавно приватно партнерство, преку кое треба и државата да ја поддржи изградбата на овие мрежи. Поради тоа што копањето претставува 70% од трошокот за поставување оптичка мрежа, АЕК преку својата единствена точка за информации ќе ги координира активностите во соработка со ЗЕЛС и Катастарот за сè што ќе се гради подземно: оптички и електрични мрежи, водовод и канализација и на тој начин ќе се овозможи ефикасно поставување на целата потребна инфраструктура во едно населено место само со едно копање. Тоа ќе овозможи поделба на трошоците и значително пониска инвестиција за секој поединечен оператор кој сака да постави мрежа од новата генерација или да изврши замена на застарената електронска комуникациска мрежа.