Забавувањето, или намалувањето на брзината на автобусите, камионите или возовите по километарски долгите надолнини е, само по себе, исклучително голем предизвик. Примарниот кочничар секогаш е моторот, т.е. моторното кочење, но тоа не е доволно. Како засилување се вградуваат дополнителни (секундарни) кочничари наречени ретардери. ZF – Intarder е еден од нив, а овде ќе стане збор за најновата генерација на овој кочничар.
Се работи за хидродинамички кочничар кој е вграден на задната страна од менувачот, веднаш до излезното карданско вратило (види на сликите). Хидродинамички значи дека се состои од две хидротурбини, од кои едната е ротор и е преку еден пар запченици (мултипликација од погонско вратило кон ротор 2:1) поврзана за излезното вратило од менувачот, а другата турбина е статична (неподвижна). Масло како флуид се зема од менувачот преку моќна хидраулична пумпа со цел за што пократко време да се стави во функција системот (времето на одѕив е околу една секунда). Роторот го забрзува маслото во кое е потопен, и тоа е фактички моментот на намалување на брзината. Од центрифугалните сили, маслото преминува кон статорот, каде што нагло кочи и притоа го менува правецот на движење, со што повторно се враќа во роторот, а тој одново го забрзува и така во континуитет. Нормално, целокупната кинетичка енергија на маслото при неговото кочење во статорската турбина се претвора во топлинска енергија која се одведува преку систем на ладилници во атмосферата. Имено, веднаш до турбините е вграден ладилник за маслото, кој пак топлината ја предава на воздухот што циркулира низ него, а се води до предниот ладилник за воздух, каде што се предава на околината или, во зимно време, се пренасочува во патничката кабина. Се разбира, целокупната работа на системот е надгледувана од системот на сензори (брзина, температура), чии податоци се обработуваат во централната контролна единица.
Режимот на работа може да биде автоматски или може да се направи избор од пет различни режими. Може да се активира или преку посебен прекинувач или преку педалот за кочење. Како податок кој се користи системот да функционира во безбедното подрачје е температурата на маслото. Доколку таа ја премине дозволената граница, тогаш се намалува сопирачкиот момент со цел да се оневозможи раст на температурата на маслото.
Системот постигнува одржлив сопирачки момент од 4 000 Nm, т.е. максимална моќност на сопирање од 600 kW. Комплет инсталацијата е тешка 65 kg (што е одличен резултат – 9,2 kW на еден килограм). Оваа верзија има 25% повисока ефикасност од претходната генерација. Исто така, значително е наголемена средната брзина на возилото, што е голем адут за автобусите, камионите и возовите опремени со овој кочничар. Стандардните сопирачки имаат помал обем на “работа” за 85-90% со што е направен значаен исчекор во наголемувањето на нивната ефикасност (при нагли сопирања и сл.) како и значајно зголемен век на траење.
Благодарение на своите предности, не чуди што денеска 35% од менувачите на комерцијалните возила се опремени со овој кочничар. Само фирмата ZF има испорачано 800 000 кочничари чие производство е започнато во 1992 година. Од нив, 100 000 припаѓаат на најновата генерација. Многу значаен е следниов податок: овие 800 000 кочничари придонесуваат за намалување на азбестниот прав од класичните сопирачки за 16 320 тона на секои изминати милион километри.