Рубрика: Астрономија и астронаутика
ATLAST, наследник на телескопот Хабл
Автор: Владимир Филевски
Објавено на 08.07.2014 - 15:40

Најпосле (at last), имаме наследник на вселенскиот телескоп Хабл (Hubble) – тоа ќе биде огромниот ATLAST (Advanced Techology Large Aperture Space Telescope), вселенски телескоп со напредна технологија и голема апертура. Огледалото треба да има дијаметар од најмалку 8 метри, а можеби дури и до 16 метри – ако го одврзат ќесето кумовите (финансиерите во Европската вселенска агенција). Вака големо огледало не може да биде изработено и лансирано во еден дел, па затоа ќе биде сегментирано – ќе се состои од неколку помали шестоаголни огледала кои потоа, во вселената, автоматски ќе се состават во една целина, како сложувалка. За споредба, стариот Хабл има огледало од само 2,4 метри, па новиот ATLAST ќе собира 44 пати повеќе светлина, што заедно со најновата технологија на сензорите ќе овозможи вкупно 2000 поголема осетливост, продирајќи многу подлабоко во непознатите пространства на вселената. Исто како и Хабл, ATLAST главно ќе работи во видливото подрачје на електромагнетниот спектар, што ќе биде добродојдено комплементарно надополнување на сегашниот вселенски телескоп Spitzer (Спицер) кој работи во инфрацрвеното подрачје, а и на идниот голем инфрацрвен вселенски телескоп James Webb (Џејмс Веб) кој треба да се лансира во 2018 година. Главната мисија на ATLAST ќе биде откривањето на егзопланети, карактеристиките на нивните површини и составот на нивните атмосфери, што би можело да даде одговор дали на нив има живот.
ATLAST сè уште е проект на хартија, но тој проект е нарачан од Space Telescope Science Institute од САД (организацијата која го раководи Хабл телескопот), а направен од професорот Мартин Барстоу (Martin Barstow), претседателот на Кралското астрономско друштво на Велика Британија. Со такви сериозни имиња зад него, проектот ATLAST најверојатно ќе успее да го дочека планираното лансирање во 2030 година.

Клучни зборови: