Иако според временските услови баш и не е за верување, денес на денот на летниот солистициум точно во 12 часот и 51 минута (1051 GMT), официјално започна летото.
Ова значи дека денес Сонцето ја достигнува највисоката точка на небото над северната хемисфера, што го прави 21-ви јуни најдолгиот ден во годината за секое место северно од Северниот напоредник (23°26′). По летната долгоденица, времето на дневна светлина станува сè пократко, секој ден, сè до денот на зимската краткоденица во декември. Ова се должи на накосеноста од 23,4 степени на оската на Земјата. Токму поради ова, на денот на летната долгоденица Северниот Пол на Земјата е навален кон Сонцето. Ова објаснува и зошто периодот на дневна светлина е подолг на северната хемисфера во текот на летните месеци, а особено на Северниот Пол, каде што Сонцето нема да зајде сè до септември, на есенската рамноденица.
За време на летната сезона, Земјата ја достигнува најдалечната точка на својата орбита околу Сонцето, а сепак, токму тогаш започнува најтоплото годишно време за нас, на северната хемисфера. Оваа привидна противречност се објаснува со начинот на којшто сончевата светлина паѓа на површината на планетата. Зголемувањето на температурата во овој период се должи на зголемување на количеството сончева светлина коешто паѓа на метар квадратен.
Поради накосеноста на оската, северната хемисфера е изложена на толку многу сончева светлина по метар квадратен, што се загрева. Притоа потребно е извесно време за летната жештина да земе полн замав, бидејќи на океаните им треба подолг период за да се загреат.
Но иако имаме најдолг ден во текот на летото, ова сепак не значи и дека ноќта е најкратка. Самракот во овој период од годината трае подолго време поради начинот на прекршување на светлината при изгрејсонце и зајдисонце.
Летниот солистициум, односно летната долгоденица, се случува секоја година на истиот ден.