Рубрика: Аудио и видеотехника
Потсетник за помладите и поновите тон-сниматели
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 16.06.2014 - 12:17

Сите микрофони собираат тон или создават аудиосигнал, но не го прават сите тоа на ист начин и не се сите добри за сè. Многумина тоа го знаат, но еве еден мал потсетник за помладите и поновите сниматели.
Дизајнирани се различни микрофони за одредени специфични намени. Оној што ги познава предностите и слабостите на оваа битна алатка за создавање квалитетно аудио нема никогаш да згреши. Постојат повеќе разлики и карактеристики, но најбитна е областа во која микрофонот си ја врши својата работа и дава најквалитетен тон. Да се одбере правилно типот на микрофонот, е голема работа, а тоа најдобро го знаат професионалците. За оние, другите, еве неколку препораки и совети:
1. Omnidirectional, или микрофон со кружна карактеристика
Овие микрофони се најстандарден тип микрофони. Го собират тонот околу себе во круг, односно во сите правци околу микрофонското тело. Најчесто ваков микрофон има вградено во повеќето камкордери.
2. Kardioid/Hypercardoid, или микрофони со карактеристика во вид на срце
Повеќето микрофони за в рака имаат ваква карактеристика. Овие микрофони собират тон пред себе и од страните, што го кажува и самото име. Кардиоидните микрофони вообичаено се користат во бучни простори, а за разлика од нив, нивните “роднини” хиперкардиоидните се нешто поосетливи и уште повеќе го елиминираат тонот од страна и зад микрофонот.
3. Bidirectional, или микрофони со двонасочна карактеристика
Ако треба да снимите јасен звук од двете страни на микрофонот, а да биде потиснат звукот што доаѓа од страна и одгоре и оддолу, тогаш се употребува ваков микрофон. Микрофон од овој тип може да биде поставен на маса, меѓу двајца кои разговараат, на пример, кога се прави интервју за да не се ставаат два микрофона, а го користат и снимателите на музика меѓу два инструмента.
4. Unidirectional, или микрофон со карактеристика само во еден правец
Повеќето топ-микрофони се од овој тип и даваат квалитетен тон од одреден правец. Тие вообичаено се монтирани на “пецалка” или држач со кој микрофонот се држи над главата на оној што зборува и не се гледа во видливиот дел од видеоснимката. Се користат кога се снимаат филмчиња, драми и друго, и одлично го елиминираат амбиенталниот звук.

Значи физичкиот изглед на микрофонот секогаш треба да биде во втор план при правилниот избор на микрофон. Постојат уште многу други поделби, но оваа е најбитна.