Месечините на планетите во нашиот Сончев систем се полни со невообичаени пејзажи. Сепак, некои од тие пејзажи изгледаат малку или повеќе слични на оние на Земјата. Еден таков пејзаж од Титан, најголемата Сатурнова месечина, е покажан на сликата дадена во прилог. Снимен е во месец јули 2013 год., од радарскиот систем вграден во вселенското летало Касини, кое орбитира околу Сатурн од 2004 год., а податоците се испратени во Jet Propulsion Laboratory на НАСА.
На сликата се гледа пејзаж ишаран со бразди кои за човечките очи се покажуваат како темни линии, кои според нивната големина и нивниот облик покажуваат дека се врежани во дини слични на песочните дини на плажите и во пустинските краеви на нашата Земја. Разликата е само во структурата на материјалот на дините. Имено, додека песокот на дините на Земјата е составен од силикатни зрнца, песокот на дините на Титан е составен од органска материја, хидрокарбонати, приближно со иста големина на зрнцата како тие на Земјата. Познато е дека песочните дини на Земјата настануваат под дејство на ветрови, па на ист начин настанале и тие на Титан, само што ветровите на Титан не се особено силни. Всушност нивната брзина е само околу 1m/sek, но, тие ја менуваат насоката во која дуваат, така што во текот на годината дуваат во две спротивни насоки.
Научниците имаат можност да ја студираат Сатурновата месечина Титан од 2004 год., кога орбитерот Касини влезе во Сатурновиот систем, и подетално од 2005 год., кога сондата Хајгенс се спушти на Титан. Досега на Титан тие забележале карактеристики и појави кои се блиски до тие од Земјата, како што се на пример наведените песочни дини, па неговите канали и езера од течен етан и метан, а најголема сличност со Земјата, Титан покажува со неговиот течен циклусен кружен тек: испарување на површинската течност, кондензација на пареата во атмосферата и враќање на течноста на површината на Титан во вид на врнежи од дожд, само што на Земјата се рециклира водата, а на Титан течниот метан.
Истражувањата продолжуваат и натаму.