Секоја година, околу 7 милиони средношколци од целиот свет развиваат сопствени оригинални истражувачки проекти коишто ги претставуваат на повеќе локални научни натпревари со надеж дека нивниот, токму нивниот проект ќе се пробие сè до финалниот Меѓународен саем за наука и инженерство на Интел, програма на Друштвото за наука и јавност (Society for Science & the Public). Само најдобрите – од 1600 победници на локалните, регионалните, државните и националните натпревари – се поканети да учествуваат во оваа еднонеделна манифестација која ја слави науката, техниката, инженерството и математиката. На настанот, овие млади иноватори имаат можност да споделат идеи, да ги презентираат нивните врвни истражувања, при што меѓусебно се натпреваруваат за можноста да се здобијат со некоја од наградите и стипендиите, чијашто вкупна вредност надминува 4 милиони долари.
Оваа година на Меѓународниот саем за наука и инжинерство на Интел учествуваа повеќе од 1700 млади научници кои беа избрани од 435 поврзани саеми коишто претходно се одржаа во повеќе од 70 земји, региони и територии. Освен конечните победници, повеќе од 500 финалисти добија награди за нивните иновативни истражувања, вклучувајќи ги и 17-те "Најдобри од категоријата" победници кои беа наградени со по 5000 американски долари секој од нив. Фондацијата Интел исто така додели и грант од 1000 американски долари на училиштето на секој победник и на поврзаните саеми коишто тие ги претставуваат. Покрај ова Фондацијата Intel на избран број ученици им додели т.н. искуствени награди, за првпат вклучувајќи и 11-дневна посета на Кина со присуство на најголемиот национален научен натпревар на оваа земја, можност за разговор со истражувачите кои работат во Интел Лабс во Шангај, како и посета на Истражувачката станица за панди во Ченгду.
Првото место на овогодинешниот Меѓународен саем за наука и инжинерство на Интел, за програмата на Општеството за науката и јавноста, го освои 15 годишниот Нејтан Хан од Бостон за развој на софтверска алатка за машинско учење којашто би се користела за проучување на мутации на генот којшто се поврзува со развој на рак на дојката.
Употребувајќи ги податоците од јавно достапните бази на податоци, Хан ги испитал деталните карактеристики на повеќе мутации од BRCA1 тумор-супресивниот ген со цел да го "научи" неговиот софтвер да ги разликува мутациите коишто предизвикуваат болест и оние кои не ја предизвикуваат. Неговата алатка покажала стапка на точност од 81% и би можела да се употреби за попрецизна идентификација на генските мутации на BRCA1 кои би можеле да се развијат во рак. Хан ја доби наградата Гордон Мур од 75 000 американски долари.
15-годишниот Ленарт Клајнворт од Германија ја доби една од двете награди на Фондацијата Интел за млад научник во вредност од 50 000 американски долари. Клајнворт наградата ја заслужи со развојот на нова математичка алатка за паметни телефони и таблети којашто пооптимално ги користи можностите на рачните уреди за пресметки за коишто претходно биле потребни пософистицирани и скапи компјутерски алатки. Неговата апликација им овозможува на корисниците со слободна рака да цртаат криви, линии и геометриски фигури на екран на допир за системот да ги коригира и исцрта во правилни форми и равенки коишто потоа може да се манипулираат по волја.
Седумнаесетгодишната Шенон Ксиџинг од Сингапур ја освои втората награда на Фондацијата Интел за млад научник во вредност од 50 000 американски долари за развој на нов вид на електрокатализатор којшто ќе може да се употребува при изработката на батериите на иднината. Научниците веќе подолго време бараат начин за поголема практичност на цинк-воздух батериите на полнење, со што тие би биле побезбедни, полесни, и би имале шест пати поголема енергетската густина споредено со литиум-јонските батерии, а што би ги направило идеални за употреба кај хибридните возила. Ли откри дека нејзиниот катализатор од активен јаглен, којшто таа во целост го изработи од јагленосан кинески модар патлиџан, покажал далеку подобри карактеристики од софистицираните комерцијални катализатори при тестовите на стабилноста и долговечност. Истовремено материјалот е еколошки и ефтин за производство.
На Интеловиот ИСЕФ, наградите се доделуваат врз принципот на оценување на способностите на учениците да се справат со предизвикувачки научни прашања, да користат автентични истражувачки практики, како и да се создадат решенија за проблемите на утрешнината.
Главни награди на саемот се:
• Наградата Гордон Е. Мур – која се доделува со титула “најдобриот од најдобрите” и парична награда во висина од 75 000 американски долари. Наградата ја добиваат врвните победници од Најдобриот во категоријата за извонредни и иновативни истражувања, како и на потенцијалното влијание на работата.
• Награда на Фондацијата млади научници на Интел. За оваа награда се избираат двајца од конкурентите за Наградата Гордон Е. Мур на кои им се доделува парична награда од 50 000 американски долари секому од нив.
• SIYSS наградата Дадли Р. Хершба. За оваа награда се избираат тројца финалисти на кои им се доделува патување со сите платени трошоци за да присуствуваат на Меѓународниот младински семинар за наука во Стокхолм (SIYSS), во што е вклучено и присуство на церемониите за доделување на Нобеловата награда. Притоа, наградените мора да имаат наполнето 18 години пред датумот на одржување на церемонијата за доделување на Нобеловите награди, која се одржува секогаш во декември.
• Наградите за Најдобар во категорија на ИСЕФ на Интел им се доделуваат на избраните учесници во 17 категории на натпреварот, на кои им се доделуваат 5000 американски долари од Фондацијата на Интел. Грантови во вредност од 1000 американски долари им се доделуваат на школите на победниците и на поврзаните саеми коишто тие ги претставуваат.
• Наградата Гранд При на ИСЕФ Интел се доделува за освоено прво, второ, трето и четврто место во секоја категорија. Наградите се 3000, 1500, 1000 и 500 американски долари, соодветно.