Доколку денес имавте потреба да ги користите услугите на Google, сигурно сте ја забележале денешната “шкртка” во чест на 40-годишнината од Рубиковата коцка. Популарната Рубикова коцка е измислена од страна на Ерно Рубик, унгарски професор по архитектура и дизајн, во 1974-та година. Рубик го создал 3D-моделот за на неговите студенти да им ги објасни просторните односи, а му бил потребен речиси цел еден месец за да ја реши загатката којашто тој ја создал.
Ако ви се чини дека оваа мегапопуларна “мозгалка” нема ништо научно во себе, размислете повторно. Уште од самата нејзина појава, таа е предизвик за математичарите коишто со децении се обидуваа да го откријат максималниот број на потези коишто сложувачот треба да го направи за правилно решавање на оваа 3D-"главоломка". Како што веќе пишувавме во ЕМИТЕР 5/11, тоа конечно им успеа во 2011-та година.
Математичарите пресметаа дека “светиот рубиков број” изнесува точно 43 252 003 274 489 856 000 максимални позиции во коишто може да се свртат полињата на Рубиковата коцка. Од друга страна друг тим на математичари пресметале дека како и да се измеша оваа коцка, на вештиот решавач ќе му бидат потребни не повеќе од 20 потега за да ја реши!
Инаку, првото меѓународно првенство за нејзино решавање се одржа 1982 година во Будимпешта, а го освои виетнамски студент од Лос Анџелес, кој загатката ја реши за 22,95 секунди. Денес, најбрзиот решавач е роботот CUBESTORMER 3, којшто го држи Гинисовиот рекорд за решавање со 3,253 секунди.