Како што е познато, растенијата можат да создадат енергија од сончевата светлина по пат на фотосинтеза. Сончевите панели создадени се за истата цел, но сè до неодамна се мислело дека тие тоа го прават многу подобро од билките! Точно е дека тие се многу поефикасни од билките, но тоа е на едно сосема друго ниво и во еден сосема поинаков процес. Ефикасноста на билките како “генератори” на енергија досега сè уште во потполност не била сосема доразјаснета и доусовршена. Поради таа причина, научниците одлучиле да направат производство на енергија со комбинација на природниот начин и најмодерниот начин на создавање на енергија. Со оваа комбинација тие успеале да ја “извадат” енергијата директно од растението со прекинување на процесот на фотосинтеза.
Во текот на фотосинтезата растенијата користат вода и јаглерод диоксид за да створат скроб и шеќер кој потоа може да даде енергија. При овој процес кислородот е нуспроизвод кој се добива откако ензимите ќе ги раздвојат молекулите на водата. Јоните и електроните на водородот се формираат во тој чекор од процесот. Така било со векови. Се претпоставува дека фотосинтезата се одвивала во растителниот свет околу 450 милиони години (како пресметале?!), и еве сега тим на научници од Универзитетот во Џорџија пронашле нов начин за користење на овој процес за да помогнат светот да пронајде решение за сè поголемите потреби од електрична енергија.
Значи, откако ензимите ќе ги раздвојат молекулите на водата, со наноцевкички се извлекуваат новосоздадените неврзани електрони пред тие да продолжат да учествуваат во понатамошниот процес. Целиот процес на фотосинтеза се одвива внатре во таканаречените тилакоиди, кои се всушност внатрешна структура на хлоропластите во кои се одвиваат реакциите со помош на светлината. Извлечените електрони потоа се насочуваат кон електроди направени од спроводник, и се генерира електрична струја, односно енергија. Со тестирање и споредување, истражувачите утврдиле дека вака добиената електрична енергија директно од билките е два пати поголема од енергијата која ја произведуваат соларните ќелии.
Овие резултати на прв поглед се неверојатни, но научниците тврдат дека резултатите се мошне охрабрувачки за човештвото. Се разбира дека овој начин на создавање електрична енергија е нов и е многу далеку од каква било практична примена, но сè има свој почеток, и најголемите дела почнуваат со првите почетни мали и несигурни чекори. Ако оваа технологија се покаже успешна, во иднина би можело собните билки да се користат за украс, но и да ги напојуваат домашните уреди, како што се светилки, компјутери, телевизори и друго.
Тоа ќе придонесе сите да садат што повеќе растенија, цвеќиња и дрвја, што ќе ја разубави нашата планета, но и го намали загадувањето, бидејќи овој начин на производство на енергија е еколошки, дури може да биде и миризлив. Овие истражувања се објавени во списанието Energy & Environmental Science.